Германската влада во средата ја намали прогнозата за економски раст оваа година на 2,2 % поради ризиците поврзани со војната во Украина.
Германија во јануари годинава процени раст од 3,6%.
Според последната владина прогноза, растот би требало благо да се забрза следната 2023 година, на 2,5 %.
Во 2020 година, германскиот БДП падна за 4,6%, што е повеќе од 2,9% минатата година.
Главна причина за полошите економски прогнози е војната во Украина, истакнуваат од германското министерство за економија, додавајќи дека изгледите се влошени од високите цени на енергијата, санкциите и изразената неизвесност.
По две години пандемија на коронавирус, руската војна е нов голем терет за германската економија.
„Војната против Украина и нејзините економски последици не потсетуваат дека сме ранливи“, изјави министерот за економија Роберт Хабек.
Прогнозата за овогодинешната инфлација е речиси двојно зголемена, на 6,1%, при што Министерството истакна дека вакви високи стапки на инфлација последен пат биле забележани за време на нафтената криза во 1970-тите и по повторното обединување на Германија.
Во март годинава стапката на инфлација скокна на 7,3%, поттикната од огромниот пораст на цените на енергијата.
Во 2023 година, според новите владини прогнози, растот на цените би требало нагло да забави, на 2,8%, што е сепак повеќе отколку прогнозите во јануари од 2% раст на цените.
Германија е најголем извозен пазар на Македонија, каде се пласира 47% од вкупниот извоз од земјава, заради што секое забавување на германската економија силно се одразува и врз македонската економија.