Познатата градежна компанија Еуровиа објави дека ќе ја гради новата фабрика на американската компанија Леар во индустриската зона во Тетово.
Ова ќе биде втора фабрика на Леар во земјава, откако за прв пат одлучи да инвестира пред шест години во фабрика за производство на седишта во која инвестираше 15 милиони евра.
“Поради успешната претходна приказна за своето работење во индустриската зона Тетово, американскиот гигант од индустријата за автомобилски делови одлучи да го удвои сопствениот производствен капацитет од 7.500 м2, сега на дополнителни 7.500 м2, што вкупно ќе создаде 15.000 м2 производствен и магацински објект”, се вели во соопштението на Еуровиа.
Новата фабрика според информациите од Еуровиа ќе биде изградена според најмодерни и највисоки стандарди на градба. Во фабриката исто така ќе биде инсталирана најновата технологија на систем за греење и ладење што ќе ја позиционира фабриката како една од ретките индустриски капацитети со нулта емисија на СО2.
“Овој процес беше многу вреден предизвик за целиот наш тим, бидејќи имавме само 5 месеци да го дизајнираме и да го убедиме американскиот гигант, рече главниот инженер на инженерскиот тим Радмила Бошковска.
Сега, откако проектот e одобрeн, компанијата веќе започнала со изградба, која се очекува да заврши до крајот на оваа година.
Изградбата се очекува да заврши во декември годинава, а производството се очекува да започне веднаш после тоа.
Американската компанија ,,Леар Корпорејшн “ е водечки глобален застапник за навлаки за седишта за автомобили и електрични дистрибутивни системи.
,,Леар Корпорејшн “ ги опслужува сите поголеми производители на автомобили во светот, а нивните производи се застапени во повеќе од 350 видови на возила. Производите на ,,Леар Корпорејшн “ кои се од светска класа се дизајнирани, проектирани и произведени од стручен тим кој брои околу 140.000 вработени, распределени во 36 земји.
Леар Корпорејшн е меѓу најголемите извозници во Македонија, а во едицијата Топ 100 Извозници беше рангирана на 19 место со извоз од 47 милиони евра.