“Вие сте нашиот македонски бренд, вие сте нашата успешна домашна економија!“.Со овие зборови вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи им се обрати на домашните компании кои во последните шест години инвестираа во економијата над половина милијарда евра за што преку Законот за финансиска поддршка беа поддршани од државата со 100 милиони евра.

“За мене oва е еден врвен патриотски чин. Заедно, придонесуваме во реструктурирање на домашната економија а Вие добивате реална поддршка која е предвидлива и ги следи вашите развојни потреби. Владата во овие шест години ве следи во Вашите инвестиции со околу 100 милиони евра.  Овој реален заеднички успех ќе продолжи и понатаму, како влог во она што е наше, заедничко и ни значи на сите”, изјави вицепремиерот Битиќи на денешната заедничка прес конфереција со министерот за економија Крешник Битиќи на која ги презентираа податоците за исплатата на државна помош по Законот за финансиска поддршка на инвестиции (ЗФПИ) кој е дел од Планот за економски раст, воведен во 2017 година преку кој Владата им дава помош и поддршка на домашните компании за развој и нови инвестиции, а со тоа и за нови вработувања и е наменет за поддршка на развој и зголемување на конкурентноста на домашните компании.

“Законот за финансиска поддршка на инвестициите првенствено донесе ист третман на домашните со странските компании во поддршката кон нивните инвестиции и сега шест години подоцна ја имаме следната состојба. Во моментов целото портфолио во мојот кабинет е од 919 компании, кои во овие шест години имаат инвестирано над 500 милиони евра а имаме исплатено 100 милиони евра финансиска поддршка кон нив”, изјави Битиќи.

Оваа 2023 година била исплатена рекордна сума на финансиска поддршка кон компаниите, односно 39,6 милиони евра се исплатени кон 513 компании, кои а во минатата 2022 година реализирале вкупни инвестиции од 153,3 милиони евра.


“Во овие шест години испеавме да ја зголемиме државната поддршка кон компаниите за 12,7 пати, од 3,1 милиони евра на првата исплата во 2018 година, на 39,6 милиони евра оваа година. Што пак споредено со нула државна помош кон домашните компании во 2017 година е веќе споредба која нема потреба и да ја правиме. Со зголемената поддршка успеавме да ги зголемиме инвестициите на компаниите, кои инвестираат во развој и зголемена конкурентност. Успеавме да ги поддржиме во вистина големи кризи кои ги имавме последните три години, но и да ги поттикнеме и охрабриме компаниите да инвестираат, да гледаат можност и во предизвиците”, изјави Битиќи, додавајќи дека во следниот период ќе следи комплетната дигитализација на државната помош, со што дополнително ќе се овозможи транспарентност и намалување на корупцијата.

Како следен чекор кој го најави Битиќи е насочување на целата државна помош кон посакуваниот развој во индустриите кои носат најголема додадена вредност.

Неодамна Владата ја усвои Паметната специјализација, која издвојува 4 стратешки економски гранки за развој на македонската економија, кој во иднина ќе се поддржуваат најмнонгу со цел импактот за идниот развој да биде најголем.