Компаниите од прехранбената индустрија во иминативе три години се соочуваа со бројни предизвици, почнувајќи од пандемијата, високите цени на речиси сите суровини, високата инфлација, енергетската криза па до сè поригорозните европски стандарди за безбедност на храната.
Цените на храната во 2022 година се искачија на рекордно највисоко ниво во целиот свет. Тие почнаа да растат со почетокот на пандемијата на Ковид 19, а вртоглаво се зголемија по инвазијата на Русија во Украина. Имајќи во предвид дека и Русија и Украина се многу големи и важни производители на храна, војната предизвика раст на цените на многу житарки, на вештачкото ѓубриво, на маслото за јадење и на многу други прехранбени производи. Ако на тоа се додадат и рекордно високата цена на енергенсите и поскапувањето на речиси сите суровини, како и високите цени и проблемите во транспортот и синџирите на снабдување, се поголемите притисоци за покачување на платите, јасно е дека изминатите две години беа полни со проблеми и неизвесност за компаниите од прехранбениот сектор.
Македонија не успеа многу да профитира од високиот раст на цените на храната на светските пазари. Напротив, се поголемата зависност од увоз на храна предизвика рекордно највисок увоз и дефицит во трговијата со храна со светот.
Податоците покажуваат дека македонските производители на храна изминатата 2022 година во странство продале производи во вредност од 450,3 милиони евра, што е раст од 15,6% во споредба со претходната 2021 година. Но, извезените количини биле за 4% помали отколку храната извезена во 2021 година.
Увозот на храна, пак, во 2022 година достигна близу 900 милиони евра, а дефицитот надмина рекордни 443 милиони евра.
Кои се најголемите македонски извозници на храна?
На годинешната листа ТОП 100 Извозници има 16 компании од прехранбената индустрија, за една повеќе од претходната 2021 година. Сите 16 прехранбени компании направиле вкупен извоз од околу 175,5 или околу 39% од вкупниот извоз на храна во 2022 година.
Во оваа анализа ги рангираме најголемите 20 извозници на храна од Македонија, од кои првите 16 се рангирани на листата Топ 100 извозници, а останатите четири извозни прехранбени компании не се во групата 100 најголеми извозници бидејќи во 2022 година имале извоз помал од 100-тиот по големина извозник со извоз од 6,6 милиони евра.
Најголемите 20 македонски извозни прехранабени компании имале вкупен извоз од близу 200 милиони евра. Од нив осум компании се од конзервната индустрија кои извезуваат овошје, зеленчук и преработки. Оваа индустрија се покажа како една од најбрзорастечките македонски извозни индустрии.
Седум компании се од кондиторската индустрија, која се покажа како исклучително витална, жилава и пропулзивна извозна индустрија, која успеа да изгради респектабилни извозни брендови и добро да се етаблира на пазарите во регионот, но и на многу пазари низ Европа и светот.
Најголем извозник на прехранбени производи веќе неколку години по ред е домашната кондиторска фабрика Макпрогрес од Виница. Извозот на Макпрогрес за 2022 година изнесуваше околу 21 милион евра, со што компанијата е рангирана како 43 најголема извозна компанија во земјава. Извозот на Макпрогрес во 2022 година се зголемил за 16,3%. Станува збор за компанија која од мал семеен бизнис основан пред 30 години, успеа да прерасне во една од најуспешните домашни извозни компани со продажби во над 55 земји.
Втора најголема извозна компанија од прехранбениот сектор е домашната компанија Витаминка од Прилеп, една од најголемите и најсупешни прехранбени компании во земјава и регионот. Витаминка во 2022 година година извезла производи на странските пазари во вредност од 20,3 милиони евра, годишен раст од 16,2%. Витаминка е најголема прехранбена компанија во земјава според вкупните приходи кои лани надминаа 62 милиони евра, а 45 најголема извозна компанија на листата ТОП 100 ИЗВОЗНИЦИ за 2022 година.
Трет најголем извзозник од прехранбената индустрија и годинава е струмичкиот производител на масло за јадење Ал-Макс, со извоз од близу 16,5 милиони евра, со голем раст на вредноста на извозот од дури 45,5%.
Четврт најголем извозник од прехранбената индустрија е е компанијата Баџо од Гевгелија, чиј извоз на овошје и зеленчук во 2022 година порасна за дури 35,7%, достигнувајќи 12,9 милиони евра, со што се рангираше на 58 место на листата Топ 100 најголеми извозници, десет места погоре во споредба со претходната година.
Петти најголем извозник на прехранбени производи од Македонија е Пекабеско, производителот на сувомеснати производи, кој 2022 година ја заврши со извоз од над 11,7 милиони евра, годишен раст од 8,2 %, со што се рангираше на 61 место на листата 100 најголеми извозници.
Пекабеско е една од ретките домашни успешни бизнис приказни, која од своите почетоци како трговска фирма успеа да изгради производни погони и да стане еден од најголемите производители и извозници на месни преработки на домашниот пазар и во регионот.
Шести најголем извозник од прехранбената индустрија е производителот на сладолед Цермат од Битола, која со извоз вреден 11 милиони евра се најде на 63 место на листата 100 најголеми извозници.
На седмо место на листата 100 најголеми компании е рангирана кондиторската компанија Виталиа, која во 2022 година ја заврши со извоз од 9,87 милиони евра, раст од 17,6%, како 72 најголем извозник во земјава.
На осмо место се наоѓа Дием –ГП од Гевгелија, најголемиот македонски извозник на преработки од зеленчук и овошје, кој во 2022 година на странските пазари продал производи вредни 9,8 милиони евра, раст од дури 40% од вредноста на извозозт во 2021 година.
На девето место е кондиторската компанија Свисслион со извоз во вредност од 9,45 милиони евра, годишен раст од 4,4%.
Десетти најголем извозник за 2022 година е компанијата Серта, извозник на јагнешко месо во странство, чиј извоз лани достигнал 8 милиони евра, раст од 16,8%.
Во втората половина од листата 20 најголеми извозници на храна годинава се рангирани и кондиторската компанија Лутхман Бацклунд Фоод Проддуцтион од Битола која со извоз од 8 милиони евра во 2022 година за прв пат се рангира на листата најголеми извозници. Во фабриката во Битола се произведуваат здрави барови и други кондиторски производи од брендот Nick’s, кои се извезуваат низ целиот свет. Следат кондиторската фабрика Европа со извоз од 7,6 милиони евра, компанијата Бимфоод од Прилеп за извоз на печурки, овошје и зеленчук со извоз од 7,5 милиони евра, извозникот на риба Метро од Скопје со извоз од близу 7,47 милиони евра, Сафир Промет од Струмица со извоз на свежо овошје и зеленчук во вредност од 7,3 милиони евра, компанијата за преработки од зеленчук и овошје Вори од Гевгелија со извоз од 7 милиони евра, компанијата зад познатиот бренд Мамас, Тргопродукт од Струмица со извоз вреден 6,6 милиони евра, компнаијата Дим Комерц од Валандово со извоз на преработки од зеленчук и овошје во вредност од 6,1 милион евра, компанијата Макс од Струмица со извоз од 5,95 милиони евра и компанијата за преработки од зеленчук и овошје Ларс од Штип со извоз од 5,4 милиони евра.