Кризата со која се соочува Германија, најголемиот извозен пазар на македонската економија, создава сериозни последици и притисоци врз компаниите. По повеќе од две години рецесија, ликвидноста на многу компании е загрозена, што резултира со рекорден број на корпоративни банкроти.

Според податоците на Германската индустриска и трговска комора (DIHK), во јуни 2025 година се регистрирани 1.957 несолвентности — зголемување од 18,4% во споредба со истиот месец минатата година.
Федералниот завод за статистика во Висбаден потврдува дека во првата половина од годинава, локалните судови пријавиле околу 12.000 банкроти, што претставува раст од 12,2% во однос на истиот период во 2024 година.

Црни прогнози

Очекуваме над 22.000 корпоративни несолвентности до крајот на годинава — значително повеќе отколку во 2024“, предупредува Фолкер Трајер, главен аналитичар на DIHK. „Кризата продолжува и секојдневно нè чини работни места, создавање вредност и претприемачки потенцијал.“

Трајер нагласува дека долготрајната рецесија сериозно ја нарушила ликвидноста на компаниите, што довело до зголемен број на банкроти. Прелиминарните податоци покажуваат дека и во август е забележан раст од речиси 12% во однос на истиот месец минатата година.

Дополнителен притисок врз германската економија создава и големата неизвесност во трансатлантската трговија, посочува Трајер. Повеќе од 1,2 милиони работни места во Германија директно зависат од извозот во САД, а најпогодени се индустриите за машинство, автомобилска технологија, хемикалии и фармацевтски производи.

Во светло на растечкиот број несолвентности, DIHK упатува јасен апел до политичарите: „Време е конечно да се справиме со итно потребните реформи, особено во системите за социјално осигурување“, вели Трајер. Тој предупредува дека растечките трошоци, особено за големите работодавачи, може да ја загрозат самата егзистенција на компаниите.