На денешната седница е донесена Одлука за намалување на увозните давачки – царинските стапки на одделни производи (компоненти) потребни за производство на технолошко напредни производи до 30.06.2022 година.

Намалувањето на увозните давачки е на нивото на царинските стапки на Европската унија со цел да се зголеми извозната конкурентност на домашната индустрија која произведува технолошки напредни производи.

Иако производителите, најголем дел од нив од автомобилската индустрија, веќе подолго од две години бараат трајно решавање на проблемот со повисоките увозни царини за производство на напредно технолошки производи, Владата повторно донесе само привремена мерка, која се обновува на секои шест месеци.

Познавачите на состојбите велат дека повисоките царини за увоз на компоненти за напредни производи ја прави земјава неконкурентна како локација за инвестиции и ги прави неконкурентни ваквите производи во споредба со земјите членки на ЕУ или земјите од регионот.
На пример, доколку стапките во Македонија се движат од 8% до 15 %, во земјите на ЕУ се движат од 0% до 3,7 %.

Според компаниите од овој сектор, краткорочните и парцијални времени меркисе рефлектира многу негативно на перцепцијата на мајките фирми за Македонија како потенцијална дестинација за производство на најсофистицирани производи во автомобилскиот сектор, во контекст на можно идно проширување на постоечките производствени капацитети.

Според анализите на Асоцијацијата на странските компании со технолошки напредно производство, со усогласувањето на царините за увоз на компоненти во земјава со европските царини, дел од компаниите кои се присутни во земјава би реализирале дополнителни инвестиции од над 250 милиони евра со најмалку 4 000 нови вработувања.

>> ПОВРЗАНИ ВЕСТИ <<