Владата на Република Северна Македонија на денешната 47 седница го усвои предлогот за изменување и дополнување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2022 година.

Предлогот за ребаланс на Буџетот за 2022 година е насочен кон повеќе цели како што се ревидирање на иницијалните фискални проекции во согласност со променетиот макроекономски контекст во првата половина на 2022 година, инкорпорирање на фискалниот одговор на кризата, реструктурирање на буџетските расходи, зачувување на фискалната одржливост и оптимизирање на изворите на финансирање на буџетскиот дефицит.

Предложените измени и дополнувања, со кратења на непродуктивните трошоци во име на солидаризирање со последиците од актуелната криза ќе овозможи поголема заштита на животниот стандард на граѓаните, особено ранливите категории, финансиска поддршка на ликвидноста на компаниите и оптимизирање на трошоците на позајмување, поддршка на монетарна политика и создавање поповолни услови за остварување на проектираните стапки на економски раст на краток и среден рок.

Предлогот за ребалансот е донесен и врз основа на позитивните ефекти од антикризните мерки за справување со енергетската и ценовната криза кои создаваат основа за забрзување на економскиот раст во наредниот период, при очекувано постепено стабилизирање на глобалните синџири на снабдување и поповолен амбиент за инвестирање.

За деталите од предложениот ребаланс Министерството за финансии ќе извести на прес-конференција која е предвидено да се одржи во текот на утрешниот ден.