Градежната компанија „Гранит“ во првото полугодие од 2025 година оствари приходи од 22 милиони евра, што е пад од 38% во споредба со истиот период лани. Приходите на домашниот пазар се намалени за 37%, додека на странските пазари падот е 51%. И покрај значителниот пад на оперативната добивка, компанијата оствари нето-добивка од 2,48 милиони евра, благодарение на растот на финансиските приходи.
Најголемата македонска градежна компанија „Гранит“ објави дека во првата половина од 2025 година остварила вкупни приходи од 22 милиони евра, што претставува пад од 38% во споредба со истиот период минатата година.
Финансиските извештаи објавени на македонската берза покажуваат дека над 90% од приходите, односно 19,6 милиони евра, се остварени на домашниот пазар, што е намалување од 37% во однос на лани. Само мал дел од приходите годинава или 1,2 милиони евра потекнуваат од работа на странски пазари, каде што е забележан пад од 51%.
Оперативните расходи на компанијата во истиот период се намалени за 34% и изнесуваат 22,2 милиони евра. Оперативната добивка на „Гранит“ во првата половина од годинава бележи значителен пад од 82%, и изнесува само 88 илјади евра.
Сепак, благодарение на растот од 36% на финансиските приходи од вложувања, заеми и курсни разлики, кои достигнале 2,4 милиони евра, компанијата првото полугодие го завршила со нето-добивка од 2,48 милиони евра — што е за 16% повеќе во споредба со истиот период лани.
Според податоците од Македонската берза, во текот на изминатата 2024 година “Гранит” работел со вкупни приходи од 60,6 милиони евра, кои беа намалени за 28% во споредба со претходната 2023 година. Оперативната добивка на компанијата во 2024 година изнесувала околу 175 илјади евра, за околу 90% помала од претходната година.