Соседна Грција минатата година извезла сирење во вредност од 805 милиони долари, со што е рангирана на 13 место на листата најголеми извозници на сирење во светот, и најголем извозник во регионот, покажуваат податоците од Worldtopexports.
Иако лани Македонија лани имала 54% раст на вредноста на извозот на сирење, извозот е се уште многу мал и изнесува само 3,7 милиони долари.
Грција има импресивни резултати во извозот на сирење во изминатите неколку години. Така, во пред-пандемиската 2019 година имала извоз на сирење во вредност 522 милиони долари и за три години успеала да го зголеми извозот за 300 милиони долари или за 54,2%.
После Грција, најголем извоз на сирење имале Бугарија со извоз вреден од 117 милиони долари, Србија со извоз од 57,2 милиони долари, Словенија со извоз од 46,2 милиони долари, Хрватска со извоз од 41 милион долари и Босна и Херцеговина со извоз на сирење во вредност од 6,2 милиони долари во 2022 година.
На светско ниво, најголем извозник на сирење минатата 2022 година била Германија која продала на светот сирење во вредност од 6,2 милијарди долари. Холандија е втор најголем извозник со вредност на извоз на сирење од 5,4 милијарди долари. Следуваат Италија со извоз од 4,6 милијарди долари, Франција со извоз вреден 3,77 милијарди долари и САД со извоз на сирење од 2,2 милијарди долари во 2022 година.