Фото: Freepik

Војната во Украина го намали економскиот раст и „значително“ ја зголеми инфлацијата ширум Европа, објави швајцарската народна банка во студија објавена во петокот, а полоши ефекти допрва следуваат.

Откако Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година, Европа бележи пораст на цените на енергијата, превирања на финансиските пазари и остра контракција на економиите на Русија и Украина, се вели во извештајот.

Истражувајќи го влијанието на војната врз економиите на Германија, Велика Британија, Франција, Италија и Швајцарија, студијата вели дека негативните последици од војната веројатно ќе бидат далеку поголеми на среден до долг рок, особено во однос на реалната економија.

„За една до две години, овој ефект веројатно ќе биде приближно двојно поголем“, се додава.

Германија е најтешко погодената земја, се вели во студијата. Нејзиниот БДП ќе беше за 0,7% повисок, а инфлацијата ќе беше 0,4% пониска во четвртиот квартал од 2022 година, доколку Русија ниту ја нападнеше ниту се закануваше на Украина, се вели во студијата.
Велика Британија беше особено погодена, со економско производство намалено за 0,7%, а инфлацијата се зголеми за 0,2%.

Франција би забележала инфлација 0,3% пониска и БДП 0,1% повисок без конфликтот, додека италијанската инфлација би била 0,2% пониска, а БДП 0,3% повисок.

Швајцарскиот БДП би бил 0,3% повисок, а инфлацијата 0,4% пониска без војната, се додава во студијата.

Бидејќи конфликтот е поблиску до Европа од претходните војни, земјите во Европа, исто така, беа погодени од бегалците и дополнителните воени трошоци .