Металуршкиот комбинат „Еуроникел индустри“ соопшти денеска дека се подготвува да отпочне со редовно производство.
„Менаџментот и инвеститорите, посветено работат на отпочнување со редовно производство и рестартирање на сите процеси до целосна активност на комбинатот. Се прават подготовки за постепеното активирање на сите процеси, што вклучува набавка на суровини, замена на потрошни материјали, достигнување на печките до оперативна состојба, повторно поврзување и обезбедување пазари за пласман на производот“, се вели во соопштението.
Од компанијата посочија дека долгиот застој во работата предизвикан од енергетската криза, односно од екстремната цена на електрична енергија потребна за производството на „Еуроникел индустри“ како најголем поединечен потрошувач, е причината за постепениот и внимателен старт на производството и целосно враќање на комбинатот во стопроцентна оперативност.
„Еуроникел индустри“ работи во секакви услови и изминативе години ја покажа својата отпорност работејќи во вонредни услови предизвикани од здравствената криза, нестабилните цени на светските берзи и на крај енергетска криза со која се избори на начин за максимална заштита на вработените. Компанијата се стави во состојба на делумна оперативност, без производство, за да ги обезбеди и гарантира работните места и редовна плата за сите вработени, со вклучени сите издатоци“, се вели во соопштението.
Според последното рангирање во едицијата ТОП 100 ИЗВОЗНИЦИ, Еуроникел Индустри е втор најголем извозник во Македонија, кој во 2021 година имаше извоз од 228 милиони евра.