Минатата 2022 година од Македонија биле извезени јаболка во вредност од 15,2 милиони евра, што е намалување од 15,8% во споредба со претходната 2021 година кога во странство се продале јаболки во вредност од 18,2 милиони евра.
Статистичките податоци покажуваат дека лани биле продадени 89,6 илјади тони јаболка на странските пазари, што е за 2,1% повеќе во споредба со продадените јаболка во 2021 година, што значи дека македонските јаболка биле продавани по пониска извозна цена.

Каде најмногу се извезувале македонските јаболка?

И покрај забраната за увоз на македонско овошје која стапи на сила кон крајот на минатата година, Русија и лани била најголем извозен пазар. Но, извозот лани бил само 5 милиони евра, што е далеку помалку од 2020 година кога на рускиот пазар биле извезени јаболка вредни 12,2 милиони евра. Во Русија лани биле извезени околу 10 илјади тони јаболка, што значи дека просечната извозна цена по килограм била 0,5 центи за килограм.

Бугарија е втор најголем извозен пазар за јаболка според вредноста, а прв најголем според извезената количина јаболка за минатата 2022 година. Во Бугарија лани биле извезени 30 илјади тони јаболка во вредност од 3 милиони евра. Или просечната извозна цена на бугарскиот пазар била само 0,1 цент по килограм јаболка.

Со извезени 28,8 илјади тони во вредност од 3 милиони евра Србија била трет извозен пазар за македонските јаболка во 2022 година.

Косово е четврт најголем пазар со извоз во вредност од 1,6 милиони евра и извезени 7,3 илјади тони јаболка.

Следи Црна Гора каде лани биле извезени 3 илјади тони јаболка во вредност од 694 илјади евра.

Македонските јаболка лани се извезувале на 25 пазари, но само на 9 пазари бил реализиран извоз поголем од 100 илјади евра.