ИНТЕРВЈУ
ИЛИЈА НАУМОСКИ, помошник оперативен директор на “ВИТАМИНКА”
Витаминка е најголема македонска прехранбена компанија чии производи се продаваат на над 30 пазари низ целиот свет. Искуството од над 65 години во производството на храна во комбинација со успешното раководење и посветеноста на развој и квалитет, се чини дека е рецептот со кој компанијата успешно ги надминува сите предизвици и промени и се натпреварува со глобалните брендови на странските пазари. Помошник оперативниот директор Илија Наумоски во интервју специјално за едицијата Топ 100 Извозници зборува за развојните планови на Витаминка, за инвестициите и промените кои ги прави компанијата за да биде поконкурентна и во чекор со новите глобални трендови и за очекуваните резултати во следниот период.
Витаминка е најголема македонска прехранбена компанија која е меѓу најголемите извозници. Која е најголемата сила на Витаминка кога станува збор за успех во извозот?
Наумоски: Успехот на “Витаминка“ на домашниот, а подеднакво и на странските пазари е резултат на континуиран стратешки пристап за глобална експанзија, подржан со внимателно планирана, ефикасна оператива.
Преку богатата традиција и искуство од над 65 години во сегментот на производството на храна и исто толку време работење на пазарите во различни услови, како компанија, успеавме да развиеме отпорност и ефикасно да се прилагодуваме на транзициски промени, на социо-економските и на политичките предизвици.
Во повеќе од половина век успешно работење, изградивме портфолио од над 400 различни производи во различни категории – грицки, чоколади, кекси, кремови, мајонез, кечап, сончогледово масло, зачини. Со диверзификација на портфолиото, преку овозможување на широк асортиман и подготвеност да излеземе во пресрет на различните пазарни побарувања и трендови, ни се отворија вратите на многу нови пазари. Една од стратешките определби на “Витаминка“ е токму тоа – иновирање и лансирање на нови категории на производи. Дополнително, со посветеност работиме на квалитетот, што е евидентно по исполнувањето на меѓународните стандарди и имплементација на сертификатите ISO 9001, ISO 14001, IFS, ISO 22000, ISO 45001, ISO 50001, HALAL, RA, RSPO.
Овие два аспекти – квалитетот и автентичноста на производното портфолио се клучот за извозниот потенцијал на “Витаминка“, овозможувајќи ни да бидеме конкурентни на странските пазари каде сме застапени со нашата трговска марка. Брендовите на “Витаминка“, како што се “Стоби Флипс“, “Магнус“, “Чоко Стоби“, “Атлантис“, “Брилијант“, “Цевитана“, можат да се најдат во најголемите маркети во многу земји, каде се конкурентни и успешно се натпреваруваат со глобалните брендови. Токму во една таква конкурентна средина, како компанија, настапуваме со нашите вредности, квалитет на производ, автентичност на бренд и изглед, а ова е препознаено од странските партнери и потрошувачи.
Цврсто сме убедени дека ова е вистинскиот рецепт за успешна работа на странските пазари и за соработката со глобалните малопродажни гиганти. Уште поважно, ова е клучот за добивање на довербата на странските потрошувачи, со високо – квалитетен и безбеден производ, фер цена и непосреден и искрен однос со потрошувачите, трговците, заедницата и вработените.
Изминатите неколку години беа полни со предизвици почнувајќи од инфлацијата, проблемите во синџирите на снабдување, раст на трошоците на производство, раст на каматите, геополитички неизвесности… Како истите се одразија врз работењето на компанијата и какви промени направивте во работењето за да останете конкурентни и да ја зголемите продуктивноста?
Наумоски: Сите ние на глобално ниво, во помала или поголема мера бевме афектирани од глобалната економска криза и геополитичките неизвесности. Како резултат, производствените капацитети од различни сегменти и дејности се соочија со нестабилни пазари и редефинирана побарувачка, инфлација, зголемени трошоци за производство и прекини во глобалните синџири на снабдување.
“Витаминка“ не беше исклучок и токму затоа, за да обезбедиме непречено функционирање и движење во едни вакви вонредни услови, беа преземени неколку стратешки прилагодувања. Работиме во сегмент каде што не може и не смее да има застој и императив е да го обезбедиме непреченото производство и достава. Во овој контекст, еден од приоритетите беше локализација на синџирите на снабдување онаму каде е возможно. Со овој потег, ја намаливме зависноста од нестабилните меѓународни добавувачи, истовремено редуцирајќи ги трошоците и зголемувајќи ја ефикасноста.
Покрај тоа, како дел од нашата долгорочна стратегија, применивме технологии за заштеда на енергија во нашите производствени капацитети – процес кој го започнавме уште во 2018 година.
Со започнатиот процес на поставување фотоволтаични централи на покривите на производните капацитети, ја пресретнавме енергетската криза, која беше дополнителен поттик да ги интензивиравме овие инвестиции. Обезбедувањето електрична енергија од обновливи извори за потребите на “Витаминка“ значително доведе до намалување на оперативните трошоци во услови на зголемени цени на енергијата.
Дополнително, во договор со нашите долгогодишни партнери и добавувачи, набавивме поголеми количини на клучните суровини, со што значително го ублаживме влијанието на растечките цени на суровините, нивниот недостаток и евентуален застој во снабдувањето.
И покрај надворешните притисоци од ваков тип, компанијата се фокусираше на одржување на висока продуктивност и инвестирање во автоматизација и дигитализација за да се зголеми ефикасноста. Најважно, во вакви услови обезбедивме раст на продажбата речиси на сите пазари каде ги пласираме нашите производи, што само ја потврдува довербата од потрошувачите и репутацијата која ја имаме.
Како компанија која има извоз на над 30 пазари во светот како го чувствувавте економското забавување? Каде гледате потенцијал за поголем пласман и на кои пазари Витаминка планира да расте во иднина?
Наумоски: Економското забавување влијаеше на глобалната потрошувачка, а ние подеднакво го почувствувавме тоа, особено на европските пазари каде што побарувачката за несуштински прехранбени производи опадна. Економскиот пад во овие региони, во комбинација со високите трошоци за живот, ги префрли преференциите на потрошувачите кон основните потреби, што влијаеше на приходите во овој сегмент.
И покрај овие предизвици, диверзифицираното портфолио на производи и географското ширење на “Витаминка“ го ублажија ефектот од настанатите промени во потрошувачкото однесување.
Дополнително, за да се справиме со економското забавување, во изминатиот период преземавме и стратешки адаптации како инвестирање во автоматизација и дигитализација на производните процеси. Со ова, ги намаливме трошоците и ја подобривме конзистентноста на производот. Голема виталност ни овозможија и некои од оперативните одлуки, како набавка на суровини на локално ниво, намалувајќи ја зависноста од меѓународните синџири на снабдување кои беа погодени од зголемените трошоци за испорака и одложувањата, како и обезбедување долгорочна, предвремена и количински зголемена набавка на суровините кои се клучни за нашето производство, како шеќер, какао и масло, а чии цени се нестабилни.
Извезуваме на четири континенти во повеќе од 30 земји, при што само минатата година остваривме извоз од 20,5 милиони евра. Пазарите во Југоисточна Европа се област каде се генерираат најголемите волумени на извоз. Но, од друга страна, пазари со најголем раст во процент се високо софистицираните пазари од Западна Европа, како Германија и Швајцарија, што ни дава дополнителна доза на задоволство.
Во рамки на стратегијата за раст на “Витаминка“, фокусот е ставен на проширување на деловното влијание во централните и источните европските пазари, каде што има зголемен интерес за нашите производи.
Исто така, планираме да ги диверзифицираме нашите понуди на производи, за да можеме да ги задоволиме регионалните вкусови и со тоа, преку растечкиот тренд на барани опции за закуски базирани специфични нутритивни навики, да креираме нови можности за раст.
Каква поддршка од државата сметате дека би помогнала на Витаминка и другите извозните компании, посебно од прехранбената индустрија, за освојување на нови пазари?
Наумоски: Поддршката од Владата може значително да ја подобри способноста на компаниите да истражуваат нови пазари. Поточно, државното финансирање на извозот или кредитните гаранции, многу би придонеле да се ублажат ризиците поврзани со влегувањето во нови територии. Дополнително, воспоставувањето подобри трговски договори со пазарите во развој, ќе им овозможи на македонските производители на храна и прехранбени производи полесен пристап до овие региони.
Еден од сегментите кои сметам дека е исклучително значаен и важен се инвестициите во инфраструктурата, како што се модерните логистички центри или подобрените транспортни рути, што би резултирало со намалување на оперативните трошоци на извозно ориентираните компании.
Воедно, имајќи предвид дека Македонија е препознатлива по храната и токму храната претставува еден своевиден симбол за нашата земја, маркетиншките иницијативи поддржани од Владата кои ги промовираат македонските прехранбени производи на меѓународно ниво креираат двоен бенефит – за компаниите – значително подобрување на видливоста и олеснување на влезот на кој било пазар, а за државата – зајакнување на препознатливоста на квалитетот на македонскиот прехранбен производ како бренд.
Со какви резултати очекувате да ја завршите годинава и кои се очекувањата за следната година за работењето на компанијата, за извозот и економијата воопшто?
Наумоски: “Витаминка“ изминатата 2023 година ја заврши со позитивен финансиски перформанс, особено во однос на профитабилноста. Ова е резултат на делумната стабилизација на цените на клучните суровини и на подобрувањата на ефикасноста од процесите воведени во производните капацитети.
Оваа година, планирано е да продолжиме со инвестиции во иновации на производи и според досегашната динамика на проширување, оптимистични сме за зголемување на пазарното присуство на странските пазари.
За 2024 година, во однос на извозот, очекуваме раст првенствено предизвикана од зголеменото портфолио со производи кои се барани на таргетираните пазари и секундарно, од зголемената побарувачка од Југоисточна и Западна Европа и обновениот интерес за нашите производни линии на централноевропските пазари.
Кои економски политики и мерки би биле најмногу од помош за да се зголеми конкурентноста на компаниите, посебно во прехранбената индустрија и да се произведува и извезува храна со поголема додадена вредност?
Наумоски: За компаниите како “Витаминка“, кои се дел од прехранбената индустрија, или FMCG секторот, фискалните политики кои поттикнуваат инвестиции во истражување и развој и технолошки надградби би биле од непроценлива вредност.
Трендовите во исхраната се менуваат, а ние сакаме да сме во чекор со нив, па дури и да ги предвидиме, особено преку иновации и лансирање производи кои се предвесници, кои создаваат нови прехранбени сектори и потрошувачки навики. За да може ова да се создаде, неопходни се големи инвестиции. Во оваа насока, намалувањето на даноците или нудење даночни олеснувања за компаниите кои инвестираат во одржливост и иновативни производствени процеси ќе ја зајакне конкурентноста и ќе ја зголеми додадена вредност на производите.
Дополнително, поедноставувањето на административните процедури поврзани со извозот и обезбедувањето субвенции за присуство на меѓународни саеми ќе им помогне на македонските компании полесно, почесто и поуспешно да ги покажат своите производи на глобалната сцена.
Тука, уште еднаш би сакал да ја потенцирам и важноста и влијанието на функционална инфраструктура и поврзаност на локално и регионално ниво. Премногу губиме време и ресурси во застоите на патиштата и на границите.
Прилагодувањето на прехранбената индустрија на трендовите за одржливост и зеленa транзиција стануваат се поважни за успех. Дали и колку овие трендови за одржливост се одразуваат врз работењето и извозот и какви промени преземате?
Наумоски: Одржливоста е еден од аспектите на кои “Витаминка“ е фокусирана, особено во време кога глобалните потрошувачи стануваат сѐ посвесни за влијанието врз животната средина на производите што ги купуваат. Во оваа насока, беа преземени значителни чекори за да го намалиме јаглеродниот отпечаток на компанијата. Ја оптимизиравме употребата на енергија во фабричките капацитети и усвоивме еколошки пакувања за некои од нашите клучни производи. Исто така, како компанија, бараме да набавиме и да примениме поодржливи суровини и да го намалиме отпадот од храна во производниот процес. Во овој дел пристапуваме многу сериозно и со голема доза на одговорност. Целиот отпад создаден од суровините што ги користиме, од пакувањата го селектираме, групираме и соодветно складираме.
За нас, зелената транзиција не е само тренд, туку суштински дел од нашиот долгорочен успех и токму затоа, како компанија, “Витаминка“ е посветена на усогласување со глобалните цели за одржливост.