Македонското индустриско производство во мај годинава бележи раст од 6,1%  во споредба со мај 2022 година покажуваат најновите податоци од Државниот завод за статистика. За периодот од јануари до мај годинава, индустриското производство е поголемо за 1% во споредба со истиот период лани.

Податоците покажуваат дека производството во мај годинава растело за 5,3% во преработувачката индустрија, каде се создава дури 83% од целото индустриско производство. Но, за првите пет месеци има мал пад од половина процент.

Во секторот Рударство и вадење на камен во мај 2023 година, во однос на мај 2022 година, има раст од 8,6 %, додека во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, во истиот месец имало раст на производството од 4 % во споредба со ланскиот мај.

Податоците покажуваат дека состојбата со производство на метали и преработки од метали и понатаму останува многу лоша. Најновите податоци покажуваат дека производството на фабрикувани метални производи во мај бележи пад од дури 58,1%, додека  производството на метали во истиот месец е намалено за 23,4% во однос на мај минатата година. Голем пад од 17,7% во мај има и кај производството на хемиски производи, каде влегуваат производите на најголемата извозна компанија Џонсон Мети.

Производството на прехранбени производи, кој во вкупното индустриско производство учествува со 10,4%, бележи пад од 7,7% во мај.

Производството на електрична опрема, уште еден важен сектор со учество од 6,22% во вкупното индустриско производство, бележи пад од 5,7%.

Од друга страна голем раст на производството има кај производството на тутунски производи од близу 92%. Производството на фармацевтски производи во февруари бележи големо зголемување на производството во мај од 41,4%, производството на машини и други уреди е поголемо за 23,8% во споредба со ланскиот мај. Производството на текстил е зголемено за 26,5%, додека производството на пијалоци во мај бележи зголемување за 23% во споредба со ланскиот мај.