Македонското индустриско производство во јануари годинава бележи пад од 2,3%, во споредба со јануари 2022 година покажуваат најновите податоци од Државниот завод за статистика.
Ова е петти месец по ред како индустриското производство во Македонија се намалува, што само ја одразува тешката ситуација во која се наоѓа индустријата и целото стопанство.
Во декември 2022 година македонската индустрија забележа пад од 1,3%, во ноември 3,7%, во октомври падот беше 5,3%, додека во септември имаше намалување од 0,5%. Или за изминатите пет месеци има кумулативен пад од 13,1%.
Поскапувањето на струјата и гасот, но и на останатите суровини драстично го поскапија производството во изминатиот период, па многу компании одлучија свесно да го намалат или стопираат производството за да не работат загуби.
Статистичките податоци покажуваат дека падот на производството во преработувачката индустрија, каде се создава над 80% од целото индустриско производство, е поголем и изнесува 5% во споредба со јануари 2022.
Во секторот рударство и камен има раст на индустриското производство во јануари годинава од 2,4%, додека во секторот снабдување со електрична енергија, гас и пареа има зголемување од 23%.
Податоците покажуваат многу лоша состојба во индустријата за метали каде производството бележи најголем пад од дури 63,4% во јануари во споредба со ланскиот јануари.
Големо намалување на производството од 39,2% има и кај фабрикуваните метални производи.
Производството на пијалоци е намалено за 23,6%. Индустријата за преработка на дрво има пад на производството во јануари од 25,9%, производството на хартија е намалено за 22,3%, производството на производи од гума и мластилни маси е намалено за 15,6%, производствот на моторни возила и приколку е намалено за 4,5%, производството на хемиски производи белеѓи пад од 3,3%, додека намалувањето на производството на храна изнесувало 1,8% во јануари годинава.