Инфлацијата во Германија се доближи до границата од осум проценти во мај. Високите цени на енергијата и храната ја турнаа инфлацијата во мај на ниво од 7,9% во најголемата европска економија на највисоко ниво во речиси 50 години.
Скапиот гас и храна ја зголемуваат германската инфлација на највисоко ниво во последните 50 години.
Стапката на инфлација последен пат беше слично висока во зимата 1973/1974 година, за време на првата нафтена криза.
Во април инфлацијата во Германија беше 7,4%.
Европската централна банка (ЕЦБ) официјално се стреми кон ниво од 2,0% за еврозоната.
ЕЦБ, на чело со Кристин Лагард, најави дека ќе ги зголеми каматните стапки во јули, за прв пат по единаесет години, во обид да се спречи огромното покачување на цените.
Во споредба со претходниот месец април, цените се зголемија за 0,9 % во мај 2022 година.
Стапките на инфлација на сегашното ниво никогаш не постоеле во обединета Германија. Во старите сојузни држави вака високи стапки на инфлција имало во зимата 1973/1974 година кога имаше голем скок на цената на нафтата.
„Зголемувањето на цените на енергетските производи сè уште е главната причина за високата инфлација“, вели претседателот на Заводот за статистика на Германија, Георг Тиел. „Но, гледаме и зголемување на цените за многу други артикли, особено храната“.
Храната поскапа за над 11%
Цените на енергенсите во мај се значително зголемени за 38,3%. Горивата во Германија се поскапи за 41%, лесното масло за греење чини речиси 95% повеќе од пред една година.
Експертите се загрижени дека не само што растат цените на енергијата, туку има и поширок раст на цените на останатите производи.
Цените на храната се зголемени за 11,1%, повеќе од кога било од германското обединување. Мастите и маслата за јадење чинат значително повеќе (+38,7%). Двоцифрени се и стапките на инфлација кај месото и месните производи (+16,5%), млечните производи и јајцата (+13,1%) и лебот и житните производи (+10,8 %).
Војната во Украина и санкциите на Западот против Русија предизвикуваат пораст на цените на енергијата, суровините и храната. Ова за возврат ги оптоварува компаниите и потрошувачите и ја забавува економијата.
Извор: Deutsche Welle