Во октомври годинава од Македонија биле извезени стоки во вредност од 774,7 милиони евра, што во споредба со истиот месец минатата 202 1 година е зголемување од 31,6%. Количински, пак, извозот во октомври годинава е помал за 12% во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Вредноста на увезените стоки во октомври, пак, изнесувала 1,1 милијарда евра и е повисока за 32,4% во споредба со октомври лани. Количината, пак, на увезените производи во октомври годинава е помала за 15,7% во споредба со истиот месец лани.
Трговскиот дефицит во октомври изнесувал 333 милиони евра и е за 42% поголем во споредба со трговскиот дефицит во октомври 2021 година. Покриеноста на увозот во извозот во октомври изнесувала 69,9%.
Во периодот јануари-октомври 2022 година од Македонија биле извезени производи вредни 6,9 милијарди евра, што е за 21,3% повеќе во споредба со истиот период лани. Од вкупниот извоз од земјава, 3,1 милијарда евра или 45% бил остварен од компаниите во технолошко индустриските зони и тој бил повисок за 26% во споредба со извозот во истиот период лани.
Во периодот јануари-октомври 2022 година во земјава од странство биле увезени производи вредни 10,1 милијарда евра, што е за 29,3% повеќе во споредба со истиот период лани.
Од вкупниот увоз во земјава, 2,8 милијарди евра или 27,7% го направиле компаниите кои работат во зоните и тој бележи раст од 15% во споредба со увозот во истиот период лани,
Вредноста, пак, на вкупниот увоз во земјава во првите десет месеци годинава го надмина увозот во целата 2021 година кој изнесуваше 9,3 милијарди евра.
Со тоа трговскиот дефицит во првите десет месеци годинава надмина 3,1 милијарда евра и е за 51% поголем во споредба со истиот период лани.
Покриеноста на увозот со извоз во првите десет месеци годинава изнесува 68,6% и е пониска од покриеноста од 73,3% во првите десет месеци од 2021 година.
Неодамна Државниот завод за статистика објави дека индустриското производство во земјава во октомври забележа пад од 5,26%, што е најголем регистриран пад годинава.