Република Северна Македонија е дел од земјите (136) кои минатата недела го постигнаа историскиот договор за корпоративна даночна реформа, информираат од Министерството за финансии. Оттаму објаснуваат дека оваа голема реформа на меѓународниот даночен систем се состои од два столба и се однесува на оданочување на дигиталните активности на мултинационални корпорации, како и применување на минимална глобална корпоративна даночна стапка за големите мултинационални компании. “Со овој договор и земјите во развој ќе добијат нови даночни права што ќе им овозможат да остварат повеќе даночни приходи од најголемите и најпрофитабилните компании, вклучувајќи ги и високо дигитализираните компании”, велат од Финансии.

Со Првиот столб од договорот се очекува реалоцирање на профитот од повеќе од 125 милијарди американски долари од 100-те најголеми и најпрофиталибилни мултинационални корпорации во земјите ширум светот, обезбедувајќи овие корпорации да го платат својот фер удел на данокот каде и да работат и генерираат профит. Тоа значи дека ќе се изврши реалокација на даночните права врз овие мултинационални корпорации од земјите каде што се наоѓаат нивните матични седишта во земјите каде што вршат реални деловни активности и остваруваат профит, без разлика дали имаат физичко присуство таму т.е маркет јурсидикциите. Со овие нови правила се опфатени оние мултинационални корпорации кои што се сметаат за победници на глобализацијата, односно имаат приходи повисоки од 20 милијарди евра и профитабилност над 10 %, така што правото на оданочување на 25 % од нивниот резидуален профит ќе им припадне на маркет јурисдикциите.

Со Вториот столб, пак, се воведува глобална минимална стапка на корпоративен данок од 15 %, со што се проценува дека на глобално ниво ќе се остварат околу 150 милијарди американски долари нови приходи годишно. Новата минимална даночна стапка ќе важи за компании со приход над 750 милиони евра.

Стапката на корпоративниот данок во земјава која сега се применува е 10%, што се се смета за една од најголемите предности за привлекување на странски инвестиции.

Понатамошни придобивки од оваа реформа ќе произлезат и од стабилизирањето на меѓународниот даночен систем и зголемената даночна сигурност за даночните обврзници и даночните администрации. Со глобалниот минимален данок ќе се стави крај на даночните раеви и ќе се намалат стимулациите за мултинационалните корпорации да го префрлаат профитот од земјите во развој.

Проценките направени од страна на ОЕЦД за економското влијание покажуваат дека земјите со низок, среден и висок приход ќе остваруваат дополнителни приходи.

Деталниот план за имплементација на двата столба содржи амбициозни рокови, односно е предвидено ова решение да се имплементира и да започне да се применува од 2023 година.

Договорот е одговор на промените што произлегоа од дигитализацијата и глобализацијата кои имаа влијание врз економиите и животот на граѓаните и предизвиците што се однесуваа за правилата за оданочување на меѓународните деловни приходи, кои преовладуваа повеќе од сто години а што резултираше големите мултинационални корпорации да не го плаќаат својот фер удел од данокот и покрај огромниот профит што многу од овие корпорации го остварија.

“По интензивни преговори за усогласување на меѓународниот даночен систем со предизвиците на 21 век, Република Северна Македонија, заедно со уште 136 јурисдикции, меѓу кои и сите земји од Западен Балкан, се приклучија кон историски договор, односно кон консензусот за Pillar 1 и Pillar 2 oд БЕПС Инклузивната рамка за решавање на даночните предизвици што произлегуваат од дигитализацијата на економијата”, објаснуваат од Министерството за финансии.