Кина е најголем трговски партнер на Европската унија во првите три квартали, престигнувајќи ги САД како резултат на епидемијата Ковид-19 и наглиот скок на трговијата со Кина.

Во првите девет месеци од 2020 година, трговијата меѓу ЕУ и Кина достигнала 425,5 милијарди евра, а трговијата меѓу ЕУ и САД изнесува 412,5 милијарди евра во истиот период, покажуваат најновите податоци на Евростат.

Во истиот период во 2019 година, трговијата на ЕУ со Кина изнесувала 413,4 милијарди евра, а трговијата со САД изнесувала 461 милијарди евра.

“Овој резултат е последица на растот на увозот од Кина од +4,5 %, додека извозот во Кина е непроменет, посочуваат од Еуростат, додавајќи дека во истиот период, трговијата со САД забележала значителен пад на увозот (-11,4%) и извоз (-10 %).

Вкупниот дефицит на ЕУ во трговскиот биланс со Кина се искачи на 135,9 милијарди евра во првите девет месеци од 2020 година, а во истиот период во 2019 година тој беше 123,9 милијарди, што е зголемување за 9,7%.

Податоците покажуваат дека и покрај епидемијата на Ковид-19 и многу силната економска криза во првиот квартал, кинеската економија повторно расте, а потрошувачката во октомври дури го надмина нивото од минатата година.

Само во третиот квартал домашната побарувачка го зголеми увозот на европски производи во Кина, „особено во автомобилскиот сектор и луксузните стоки, но исто така и телекомуникациите во пресрет на американските санкции за Хуавеј“, посочува Еуростат.

Извозот од Кина во Европа исто така се зголеми во текот на летото и раната есен поради големата побарувачка на медицинска опрема и електронски производи.

Така, Светската здравствена организација во октомври посочи дека само Кина извезла скоро 44% од опремата за лична заштита со која се тргувало во светот во првите шест месеци од 2020 година.