Македонската ИКТ индустрија (информатичка, комуникациска и телекомуникациска) во текот на првата половина годинава остварила приходиод извоз од 107,4 милиони евра , што е за 13 милиони повеќе во споредба со истиот период минатата година, или раст за 14%, покажуваат податоците на Народната банка.
Најголем дел од извозот на ИКТ услуги или 94 милиони евра отпаѓаат на извоз на компјутерски услуги, кој е поголем за 12,3 милиони евра во споредба со првата половина минатата 2019 година.
Помал дел или 8,5 милиони евра се од извоз на телекомуникациски додека 4,77 милиони евра се приходите од извоз на информациски услуги во првата половина годинава.
Увозот на ИКТ услуги за истиот период изнесува 36 милиони евра, што значи дека нето извозниот ефект од оваа индустрија во првата половина годинава изнесувал 71 милион евра.
За споредба, вкупниот извоз на прехранбени производи од земјава во првата половина годинава изнесувал 164 милиони евра, вкупниот извоз на тутун изнесувал 130 милиони евра, извозот на лекови изнесува 55 милиони евра, додека извозот на вино и пијалоци воовој период достигнува 33 милиони евра.
Во текот на изминатата 2019 година домашната ИКТ индустрија остварила извозен приход од 218 милиони евра.
Извозот на ИКТ услуги, посебно на компјутерски услуги бележи висок раст во изминатите неколку години. Така во споредба со пред пет години извозот на компјутерски услуги од земјава е зголемен за 161%. Или извозот на компјутерски услуги лани изнесувал 187,4 милиони евра и е поголем за 116 милиони евра во споредба со извозот остварен во 2015 година во вредност од 71,6 милиони евра.
Познавачите на состојбите во овој сектор велат дека кај извозот на компјутерски услуги значителен е уделот на аутосорсинг индустријата или т.н “лон производство” на софтвер. Станува збор за субконтракторски договор со кои македонски ИТ фирми се агажирани како подизведувачи од страна на странски фирми за програмирање за доработка на одредени кодови.
Многу е помал делот на извозот на софтверски производи дизајнирани од македонски ИТ компании, но и тој дел бавно, но стабилно расте.
Според последниот извештај за ИКТ индустријата во земјата кој го објави МАСИТ во оваа индустрија работат 1.957 субјекти во кои работат над 15 илјади лица, кои генерирале вкупни приходи од 879,65 милиони евра во 2019 година и работеле со нето добивка од 118,65 милиони евра.
Проценките се дека вкупните приходи на оваа индустрија ќе достигнат 1 милијарда евра во следните две години.
Потенцијалите за извоз од ИКТ индустријата се многу поголеми, посебно ако индустријата ја добие потребната системска поддршка од државата.