Македонски извозни компании од прехранбениот сектор ги презентираа своите производи на реномираниот меѓународен саем за земјоделство, храна и пијалаци „АГРА 2023“ кој се одржува во периодот од 26 до 31 август во Горна Радгона, Словенија.
На саемот се презентираат повеќе области од земјоделството, економијата и можностите за инвестирање во развој на бизниси, како и продлабочување на соработката со Словенија, но и со соседните земји и земјите од регионот.
Стопанската комора на Северна Македонија, преку проектот што го спроведува во партнерство со УСАИД за Поддршка на приватниот сектор за регионална интеграција, во низата предлози и иницијативи за поддршка на домашните извозни компании, им овозможи учество на домашни компании од прехранбениот сектор на реномираниот меѓународен 61. саем за земјоделство, храна и пијалаци „АГРА 2023“ кој се одржува во периодот од 26 до 31 август во Горна Радгона, Словенија.
Со поддршката преку проектот, Стопанската комора им овозможи логистичка помош за учество на саемот на шест македонски компании: „Лион“-Св. Николе, „Кораб Трница“ – Маврово, „Био-Оил“- Скопје, „В`К Дестилерија“- Скопје, „Туф-Тартуф„- Скопје и „Органаутс“- Неготино.
Саемот АГРА е еден од поголемите и позначајни меѓународни саеми, на кој се претставуваат изложувачи од голем број држави во светот. За таа цел, и оваа година Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство преку Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој во делот за маркетинг и промоција имаше закупено национален штанд за македонски извозно ориентирани компании од прехранбениот сектор, со што уште една година по ред Северна Македонија презентира повеќе области од земјоделството, економијата и можностите за инвестирање во развој на бизниси, продлабочување на соработката со Словенија, но и со соседните земји и земјите од регионот.
Потребата за поддршка на македонските компании во доменот на извозна промоција не само што е препознаена од Комората, туку веќе и со конкретни чекори се реализираат преку поддршка на домашните компании за учество на меѓународни саеми кои се од интерес за различни сектори, но и други форми како учество на однапред таргетирани деловни средби, организирање на купувачки мисии и други форми на промоција кои ќе придонесат за поголема присуство како на традиционалните пазари, така и проширување на нови пазари.
Стопанската комора на Северна Македонија во партнерство со USAID North Macedonia преку проектот за Поддршка на приватниот сектор за регионална интеграција ги поддржува домашните компании во градењето на извозните капацитети, поттикнување на конкурентноста, регионализација и интернационализација на македонските извозни компании.
Извор: Стопанска комора на Македонија