Група македонски компании од индустријата за преработки на зеленчук и овошје успешно ги промовираа своите производи на националниот штанд на саемот WorldFood Poland кој се одржа од 18 до 20 април во Варшава.
На овогодинешниот саем за прв пат беше претставен национален павилјон на Македонија, каде што излагачите, меѓу другото, презентираа богат избор на храна и вина и каде се одржуваа B2B состаноци во комбинација со дегустации.

Во рамки на саемот , а како резултат на соработката меѓу МАП – Македонска асоцијација на преработувачи и швајцарскиот Increasing Market Employability – IME, беше организиран и Б2Б настан со цел идентификување на нови можности за извоз и позиционирање на македонските преработки од овошје и зеленчук на полскиот пазар.
На настанот беа одржани 35 поединечни средби и воспоставени повеќе од 50 контакти со ланци на супермаркети, увозници, дистрибутери и трговци со прехранбени производи со кои беа разговарани условите за снабдување, како и потребите и преференците на полските купувачи.
Врз основа на иницијалниот интерес за извоз на преработки од овошје и зеленчук во Полска, домашните компании ќе можат навремено да воспостават договорно производство со земјоделците и да го организираат снабдувањето со суровини во претстојната сезона.
Worldfood Poland, кој се одржува по деветти пат, е еден од најважните настани во Полска и Источна Европа за компаниите од прехранбената индустрија. На годинешниот саем изложуваа 289 компании од 32 земји.
Полска е најголемата економија во Централна и Источна Европа и со пазар од 38 милиони потрошувачи емногу атрактивен пазар кој нуди големи извозни можности за македонските комапнии од прехрнабената индустрија.
Што извезуваме во Полска?
Според податоците од Државниот завод за статистика, лани од Македонија на полскиот пазар биле извезени 13,3 илјади тони храна во вредност од околу 9,4 милиони евра, според што била 16-ти најголем извозен пазар за храна. Извозот на храна во Полска кој бележи раст од 77% во изминатите пет години.
Најголем дел или 6,7 милиони евра отпаѓа на зеленчук, а само 840 илјади евра на овошје. Најизвезуван зеленлук е зелка (4,47 милиони евра) и домати (1,3 милиони евра). Од овошје најголем е извозот на свежо грозје ( 347 јади евра) и лубеници и дињеи (186 илјади евра).
Во текот на минатата година од Полска на македонскиот пазар била увезена храна врендост од 50 милиони евра.