Од 19-ти до 23-ти октомври, Макпрогрес со гордост го одбележува своето 12-то учество на престижниот саем SIAL во Париз, кој се одржува на секои две години.

“Веќе 22 години, од 2002 година наваму, сме дел од овој глобален настан, презентирајќи го нашето богато портфолио и иновативни решенија за иднината на храната. Макпрогрес, со својата долгогодишна посветеност на квалитет и иновации, е препознатлив бренд на светската сцена. Нашето учество на SIAL е доказ за нашиот успех во градењето глобални партнерства и пласирањето на висококвалитетни производи на меѓународниот пазар”, велат од Макпрогрес и додаваат дека и оваа година, саемот го искористиле да ги зацврстат постоечки односи и да создадеме нови можности за соработка.

Токму редовната и ефикасна посета на најважните светски саеми за храна се една од причините за постојаниот раст на извозот и успешниот раст на кондиторската фабрика Макпрогрес.

Макпрогрес од Виница со години наназад е најголем извозник на храна од Македонија, со извоз кој лани надмина 25 милиони евра, со што во најновата едиција ТОП 100 ИЗВОЗНИЦИ 2024 која треба да излезе во првата половина на ноември е рангиран како 40-ти најголем извозник од Македонија.

Макпрогрес е семејна компанија, која од мал бизнис основан пред околу 30 години успеа да стане еден од најголемите извозници, чии производи се извезуваат во над 55 земји низ целиот свет.