Германската индустриска комор ДИХК предупреди дека најголемата европска економија ќе се намали за 0,5% оваа година, што би било втора година на рецесија и најголем пад во последните две децении.
Анкетата на DIHK на повеќе од 27.000 германски компании покажа дека од анкетираните, 35% очекуваат дека бизнисот ќе се влоши во следните 12 месеци, а само 14% очекуваат подобрување, бидејќи високите цени на енергијата, бирократијата, недостигот на квалификувани работници и слабата домашна побарувачка влијаат врз економската активност.
„Лошото расположение меѓу компаниите станува се повеќе вкоренето“, соопшти ДИХК во Берлин додавајќи дека тоа ќе биде само втор пат во повоената историја на Германија каде економијата се намалува две години по ред.
Првиот случај беше во 2002 и 2003 година кога две последователни рецесии ја турнаа тогашната влада на социјалдемократите и зелените да воведе агресивни реформи на пазарот на трудот и социјалната заштита кои беа заслужни за издигнувањето на Германија на меѓународно завидно ниво на конкурентност.
„Ова е јасен сигнал за тревога што Германија и Европа мора да го сфатат сериозно“, рече во изјавата шефот на ДИХК Мартин Ванслебен.
Европската комисија во четвртокот рече дека Германија ќе биде најголемиот товар на растот на еврозоната оваа и следната година, со раст од само 0,3% во 2024 година, наместо 0,8% што се очекуваше во ноември и 1,2% во 2025 година, по рецесијата од 0,3% минатата година.
Владата следната недела ќе ја објави прогнозата за економскиот раст за оваа година. Неофицијално, Берлин ќе ја намали својата прогноза за раст на само 0,2%, иако сепак е многу пооптимистичка прогноза од ДИХК.
Министерот за финансии Кристијан Линднер во средата рече дека проекциите за раст се „срамни и опасни од социјална перспектива“, бидејќи незадоволството на Германците од нивната економска ситуација предизвикува серија штрајкови низ целата земја.
„Ако не направиме ништо, нашата земја ќе заостане… Тогаш Германија ќе стане посиромашна“, рече тој на настан во Потсдам.