Русија треба да ги национализира операциите на западните компании кои излегуваат од земјата како одговор на војната во Украина, изјави денеска Андреј Турчак, секретар на генералниот совет на партијата Единствена Русија, објавува Wall Street Journal.

Таков потег ќе помогне да се спречи губењето на работните места и да се одржи способноста на Русија да произведува стоки дома, смета Турчак.

„Ова е екстремна мерка, но ние нема да толерираме убоди во грб и ќе го браниме нашиот народ“, рече Tурчак во изјавата објавена на веб-страницата на партијата. „Ова е вистинска војна, не само против Русија како целина, туку и против нашите граѓани. Ќе преземеме остри одмазднички мерки, постапувајќи според законите на воено време“.

Многу западни компании ги прекинаа врските со Русија откако Путин нареди инвазија на Украина минатиот месец, а САД и Европската унија возвратија со санкции. Меѓу компаниите кои го прекинаа производството во фабриките во Русија се производителите на автомобили Toyota Motor и Volkswagen, но и многу други светски познати компании и финансиски институции.

Одлуките на западните компании да ја напуштат Русија се „чисто политички“, смета Турчак, кој исто така е висок пратеник во Горниот дом на рускиот парламент.

Минатата недела и поранешниот руски претседател и заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија Дмитриј Медведев предупреди дека лицата и ентитетите од „непријателските“ нации може да ги загубат своите средства во Русија. Тој предложи Русија да ги замрзне финансиските средства на странските граѓани и компании или можеби дури и да го „национализира имотот на оние кои се регистрирани во непријателски јурисдикции“.
Национализацијата на средства со седиште во Русија што им припаѓаат на странци и бизниси регистрирани во „непријателски јурисдикции“ е можен одговор на заплената на средства на руски граѓани и компании во странство.