Цените на товарниот поморски транспорт се зголемуваат по ракетниот напад и обидот за киднапирање на бродот „Маерск“ викендов, што ги натера превозниците да ги прекинат плановите за рестартирање на транзитот низ Црвеното Море, клучна артерија на виталната трговска рута на Суецкиот канал.

Милитантите Хути со седиште во Јемен напаѓаат товарни бродови во Црвеното Море од ноември во знак на поддршка за палестинската исламистичка група Хамас која се бори против Израел во Газа. Тоа ги принуди бродовите да се пренасочуваат околу јужниот рт на Африка, зголемувајќи ги трошоците за бродовите за подолгото патување.

Суецкиот канал во Египет го поврзува Црвеното Море со Средоземното Море и е најбрзиот начин за транспорт на гориво, храна и стоки за широка потрошувачка од Азија и Блискиот Исток до Европа.
Превозниците ја користат рутата за да превезуваат дури една третина од целиот глобален товар со контејнери.

Нападите веќе ја одложуваат испораката на производи наменети за бројни компании, бидејќи рутата на Суец ја користат ИКЕА, Волмарт , Амазон и многу други.
Цените за контејнерски поморски транспорт од Азија кон Северна Европа се зголемија повеќе од двојно, на над 4.000 долари за контејнер од 40 метри оваа недела, при што цените од Азија до Медитеранот се искачија на 5.175 долари, според Freightos , платформа за резервации и плаќања за меѓународни товари.

Некои превозници објавија стапки над 6.000 долари по контејнер од 40 стапки за медитерански пратки кои почнуваат од средината на месецот, а доплатите од 500 до дури 2.700 долари по контејнер може да ги направат цените уште повисоки, вели Џуда Левин, шеф на истражување во Freightos.

Од средата, стотици контејнерски бродови и други бродови беа пренасочени околу јужниот африкански рт Добра надеж за да се избегнат нападите – додавајќи некаде од 7 до 20 дена на нивните патувања.

„Луѓето се очајни да добијат простор на бродовите и се подготврни да платат“, вели Кристијан Сур, извршен потпретседател за океански товари во Unique Logistics.

Иако цените за контејнерски превоз се зголемени, тие остануваат далеку под рекордните максимални вредности достигнати во 2021 година поттикнати од пандемијата од дури 14.000 долари по контејнер од 40 метри за Азија до Северна Европа и Медитеранот и 22.000 долари за Азија до источниот брег на Северна Америка.