Данскиот бродски гигант „Маерск“ најави дека наскоро ќе им дозволи на своите бродови повторно да транзитираат низ Црвеното Море по паузата заради зачестените напади и конфликти кои оштетија неколку товарни бродови.
Најавата од Маерск доаѓа по веста дека е формирана безбедносна иницијатива, предводена од САД, која ќе има за цел да им овозможи на трговските бродови повторно и побезбедно да транзитираат низ Црвеното Море, Аденскиот Залив и Суецкиот канал.
„Ова е многу добра вест за целата индустрија и одржливоста на глобалната трговија“, велат од компанијата Маерск, потенцирајќи дека безбедноста на вработените има врвен приоритет.
Од почетокот на војната во Појасот Газа, бродовите во Црвеното Море се повеќе се напаѓани од бунтовниците Хути. Според американското разузнавање, бунтовниците во Јемен се поддржани од главниот непријател на Израел, Иран.
Maersk им нареди на своите контејнерски бродови привремено да престанат да пловат низ областа во средината на декември. Наместо тоа, товарните бродови беа пренасочени преку Јужна Африка. Нападите претставуваа значителна закана за морнарите, соопшти тогаш компанијата.
И други бродски компании ја избегнаа рутата. Оттогаш, многу бродови се пренасочени низ Африка преку Ртот на добра надеж. Најавени се доплати за контејнерски превоз со цел да се покријат дополнителните трошоци поврзани со подолго патување.
САД тогаш најавија дека ќе ја зголемат соработката со вооружените сили на другите земји во регионот.
Според САД, неколку земји учествуваат во иницијативата наречена „Операција за просперитет Гардијан“, вклучувајќи ги Обединетото Кралство, Бахреин, Канада, Франција, Италија, Холандија, Норвешка, Сејшелите и Шпанија.
Целта на оваа иницијатива е да ја подобрат заштитата на трговските бродови.