(Фото: СДК.МК)
(Фото: СДК.МК)

Цената на бензините од полноќ се зголемува за 5,5 денари за литар, а на дизелот за 10 денари, одлучи вечерва Регулаторната комисија за енергетика.

Согласно новата одлука на РКЕ, од полноќ новата цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе биде 89,50 ден/лит, а ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава по цена од 91,50 ден/лит. Новата цена на дизелот ќе биде 85,50 ден/лит.
Ваквата одлука е донесена поради рекордниот раст на сите нафтени деривати на светските берзи, а од РКЕ најавуваат дека ќе носат одлуки на дневно ниво доколку има потреба.

– Од ден во ден драстично се зголемуваат цените на нафтените деривати на светските берзи, а дополнително на тоа и курсот на доларот расте, овие се клучни фактори кои влијаат врз крајната цена. Поради сложената геополитичката состојба која се одразува врз цената на енергенсите, а со цел да се обезбеди сигурност и стабилност на пазарот со нафтените деривати и да се заштитат потрошувачите од големи ценовни осцилации, од сега натаму РКЕ ќе носи одлуки на дневно ниво за цени на нафтени деривати, доколку берзанските цени имаат значителни промени. Овој принцип ќе се применува секогаш во состојби на екстремни дневни промени на берзанските цени, изјави вечерва претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.

За состојбата во нафтениот сектор, РКЕ ја информирала и Владата и анализите им се ставени на располагање со цел да се носат соодветни одлуки за да се заштити стандардот на граѓаните.

Според Бислимоски, нафтени деривати има во доволни количини, но проблем е високата цена, што не е случај само кај нас, туку и во Европа.

– Неопходно е сите да се однесуваат рационално во ваква вонредна и непредвидлива состојба, за која не се знае колку ќе трае и со каков епилог, апелира Бислимоски.

Од РКЕ посочуваат дека во изминатиот седумдневен период референтните цени на сите нафтени деривати на светските берзи бележат до сега незабележан рекорден
раст кај сите нафтени деривати и тоа : кај бензинот за 10,990 %, кај дизелот за 21,147% , кај екстра лесното масло за 18,278% и кај мазутот зголемување за 13,830%. Паралелно, во истиот период курсот на доларот во однос на сите светски валути зајакнува и во однос на денарот е зголемен за значителни 1,401 %.
Согласно овие податоци, РКЕ донесе одлука со која се вкалкулирани сите овие трендови, со што се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 10,21 %.

И покрај поскапувањето, дизелот најевтин во Македонија

Од Регулаторната комисија посочуваат дека споредбено со регионот, согласно последните достапни податоците од 6.3.2022 година (недела) во земјава
Еуродизелот е со најниска цена и изнесува 1,388 евра/литар, додека во Србија изнесува 1,552 евра/литар, во Бугарија е 1,457 евра/литар во Албанија 1,616 евра/литар, во Грција 1,678 евра/литар и во Хрватска 1,497евра/литар. И Еуросупер БС 95 исто има најниска цена во земјава од 1,453 евра/литар (цена актуелна од полноќ), за разлика од Србија каде цената на Еуросупер БС 95 изнесува 1,482 евра/литар, во Албанија 1,632 евра/литар, во Грција e 1,951 евра/литар и во Хрватска 1,507 евра/литар. Само во Бугарија е пониска и изнесува 1,427 евра/литар.