Изминатата недела здравствено-економската криза на површина исфрли една категорија многу значајна за бизнисот, но секогаш поставена настрана. Тоа е транспортот, без кој не е можно да се води бизнис, а особено транспортерите, кои се вистински херои изминатава недела. Не само затоа што во екот на најголемата криза беа на своите работни места низ Европа туку затоа што тоа го прават по стотипат, како жртви на балканските лудости и на срамната појава на почетокот на 21 век да се толелираат километарските колони на границите, без минимум хумани услови за нив” вели Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија.
Не знам колку пати досега сме се обидувале да го разрешиме овој срам за Балканот, вели Азески.
“Тоа е сизифовска мака на борба против злото наречено корупција, затоа што друго образложение и не постои. Навистина е неверојатно сите да ја знаеме причината, сите да го знаеме решението, а некои „виши сили“ тоа да го спречуваат. И повторно, колатерална штета на тоа зло се возачите на камиони, кои мора со денови да се тормозат и да се малтретираат по балканските граници, затоа што нема хирург што ќе го отстрани метастазираното ткиво на балканската корупција, мито, несреденост, непрофесионалност и волунтаризам”, вели Азески кој во името на Стопанската комора и сите нејзини членки им изразува благодарност на сите транспортери.
“Тоа се луѓето што го одржуваат кревкиот бизнис во моментов во нашата држава. Без нивното ризикување, ставајќи ги своите животи во опасност, македонската економија неделава целосно ќе колабираше”, вели Азески.
Исто така, во целата таа операција на отворање на трите значајни коридори: Турција-Бугарија-Македонија, Војводина-Србија-Македонија и Словенија-Хрватска-Македонија, Азески го потенцира и огромниот придонес од страна на највисоките претставници на власта во Македонија, директорите на загрозените претпријатија и, се разбира, Комората.
Според него, таква организирана акција за отворање на коридорите, која на крајот резултираше и со спогодба со ЕУ, може да претставува само пример и охрабрување како треба да се дејствува во натамошниот тек на кризата.
Во однос на вчерашната седница на Економскиот совет на Владата, Азески вели дека се покажало дека почнува приближувањето на ставовите меѓу јавниот и приватниот сектор, што е добро, но изостанува брза и прецизна анализа од финансиски аспект на мерките, чии принципи се утврдени на првата седница на Економскиот совет.
“Бидејќи на добрите познавачи им е јасно дека ресурсите за анализа и за проценка се сконцентрирани во Народната банка и во Министерството за финансии, тогаш е јасно дека иднава недела тие мора да се стават стонастотно во погон. Значи, ако треба во една реченица да се анализира изминатата недела, ќе искажеме една голема благодарност до сите што учествуваа во операцијата за отворање на коридорите за снабдување со суровини на нашите фабрики; одлична оценка за мобилизираноста и за дисциплината во спроведувањето на мерките за справување со кризата и желба конечно оваа недела да се обелоденат мерките и да почнат да даваат надеж на македонската економија. Од сѐ што гледам и што добивам како информација, убеден сум дека ќе направиме сѐ што е во наша моќ и на тој начин верувам дека последиците од кризата ќе бидат помали”, вели Азески.