Британската амбасада во Скопје заедно со Јавното претпријатие „Национални шуми“ и бизнис заедницата ќе помогне во засадувањето на 13.000 садници за пошумување на 5 хектари земјиште со внимателно одбрани видови на автохтони дрва од овој регион, информираше Амбасадата на Велика Британија преку соопштение.
„На почетокот на оваа година, Британската амбасада во Скопје покрена иницијатива ‘Засади дрво за јубилејот’ за да се одбележи 70-от Платинест јубилеј на Нејзиното величество кралицата Елизабета Втора. Беа поканети сите, од поединци, градови, училишта и компании да дадат свој придонес во збогатувањето на животната средина со засадување на дрво и Британската амбасада во Скопје ја започна иницијативата за засадување дрвја во Северна Македонија. Засадивме повеќе од 70 дрва во дворот на Кабинетот на Претседателот, во дворовите на училишта, градинки и општини. Локалните бизнис компании кои ја поддржаа оваа иницијатива донираа повеќе од половина милион денари за процесот на пошумување“, се вели во соопштението.
“Нашата компанија со особено внимание и задоволство безрезервно се вклучи во проектот Иницијатива за садење дрвја. Преку донираните финансиски средства за активностите за пошумување се обезбеди подготовка на терен со механизирана обработка на 1 хектар почва, како и набавка на 2.500 садници од видот јавор и багрем. Со овој мал, но многу значаен гест уште еднаш испраќаме порака дека грижата за подобрување на заедничкиот живот во околината во која живееме и работиме треба да биде еден од најголемите приоритети на сите компании, на секоја заедница и на секој поединец“, велат од “Алкалоид”.
” Бизнис заедницата има клучна улога во справувањето со предизвиците што ги носат климатските промени. Ми претставува задоволство да им се придружувам на претставниците од ЈП Национални шуми, како и на бизнис заедницата од Северна Македонија во Велес, да го помогнеме пошумувањето на оние подрачја во Северна Македонија каде е најмногу потребно. Шумите имаат клучно значење за ограничување на глобалното затоплување на 1.5 степени и прилагодување на климатските влијанија. Би сакал да се заблагодарам на Алкалоид, Kuehne Nagel, Шпаркасе Банка, НЛБ Банка, Универзал груп, Британската детска академија, Квенбергер Логистик и Дени Интернационал за нивната поддршка на иницијативата и за нивниот придонес”, изјави aмбасадорот Метју Лосон.