Македонските компании мора похрабро и поинтензивно да инвестираат во дигитализација, иновации и нови технологии доколку сакаат да ја задржат конкурентноста на домашниот и на меѓународните пазари. Но, за побрза дигитална трансформација на приватниот сектор потребни се и поголема институционална, технолошка и финансиска поддршка.
Дигиталната трансформација повеќе не е прашање на избор, туку станува еден од клучните предуслови за долгорочен опстанок, раст и конкурентност на компаниите. Притоа, дигитализацијата не треба да се сфати како цел сама по себе, туку како процес што ќе овозможи поголема ефикасност, подобра продуктивност, намалување на трошоците и развој на поквалитетни и поиновативни производи и услуги.
Ова беа главните пораки од панел-дискусијата „Предизвици и проблеми за побрза дигитализација на приватниот сектор“, што се одржа денеска во Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ во Скопје.
Настанот обедини претставници на Владата, бизнис-секторот, академската заедница и организации што обезбедуваат технолошка и финансиска поддршка за компаниите. Во фокусот беа националните политики за дигитална трансформација, достапните инструменти за поддршка и конкретните можности за забрзување на дигитализацијата на македонските претпријатија.
Швајцарскиот амбасадор Зомер: Конкурентноста не зависи од големината, туку од способноста за адаптација и иновации
На отворањето на настанот се обратија деканот на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), проф. д-р Владимир Атанасовски, и амбасадорот на Швајцарија во Северна Македонија, Кристоф Зомер.
Швајцарскиот амбасадор истакна дека во време на забрзани технолошки промени, клучното прашање за компаниите веќе не е дали треба да се дигитализираат, туку дали ќе успеат тоа да го направат доволно брзо за да ја зачуваат својата конкурентност.

Според него, дигиталната трансформација не претставува само воведување нови технологии, туку суштинска промена во начинот на кој компаниите работат, произведуваат, управуваат со ресурсите и создаваат вредност за своите клиенти.
Ова е особено значајно за малите и средните претпријатија, кои често располагаат со ограничени финансиски и човечки ресурси, а истовремено мора да се приспособуваат на сè поголемите барања на пазарот.
Зомер ја посочи Швајцарија како пример за мала и отворена економија која својата меѓународна конкурентност ја гради врз иновации, знаење и постојано технолошко усовршување.
„Малите земји, како Швајцарија и Македонија, не можат да си дозволат да заостануваат зад технолошките и економските промени што се случуваат во светот. Конкурентноста не зависи од големината, туку од способноста да се адаптирате, да иновирате и да се интегрирате во глобалните пазари“, истакна амбасадорот Зомер. Тој се осврна и на швајцарската поддршка за развојот на македонската економија преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост (IME), која поддржува компании во подобрувањето на нивната конкурентност преку иновации, технолошка надградба и развој на нови деловни можности.
Македонија има солидна основа за развој на дигитализацијата и располага со квалификувани кадри и институции кои можат да ја спроведат но компаниите мора да ја предводат дигиталната трансформација. Бидејќи дигиталната трансформација нема да се мери според стратегии или програми, туку според тоа што се променило во рамки на компаниите, како на пример повисока продуктивност, подобри производи, поефикасни процеси…
Бизнисите треба да ја предводат дигиталната трансформација
Како да се забрза дигитализацијата на македонските компании, кои се најголемите пречки за воведување нови технологии и каква финансиска и стручна поддршка им е достапна на фирмите? Ова беа главните прашања во фокусот на панел-дискусијата на која учествуваа министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, Никица Мојсовска-Блажевски, директорка на GoDigital, проф. д-р Димитар Ташковски, директор на ИНОФЕИТ ЕДИХ, Ефимија Димовска, извршна директорка на Развојната банка на Северна Македонија, и Јордан Димитровски, претседател на Управниот одбор на МАСИТ.
Дискусијата ја модерираше Горан Дамовски, тим-лидер на швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост – IME, кој нагласи дека од искуството кое го имаат преку активностите на Програмата на ИМЕ, на компаниите им е потребна огромна поддршка за успешно да го поминат процесот на дигитална трансформација. “Компаниите имаат многу прашања, од каде да почнат, кои инвестиции и интервенциите треба да ги направат во своите процеси на работење со цел да ја зголемат ефикасноста на работењето и да останат конкурентни, кој може да им помогне во процесот на дигитална трансформација, како да се финансира тој процес. Токму тоа беше причината во соработка со Инофеит да ја оргнизираме оваа панел дискусија, каде што сите најповикани институции во државата ќе можат да ги споделат своите искуства и насоки како да се забрза процесот на диготална трансформација на приватниот сектор”, изјави Дамовски.

Една од главните пораки беше дека компаниите треба да бидат главните двигатели на сопствената дигитална трансформација, институциите, академската заедница и организациите за поддршка треба да обезбедат соодветни услови, експертиза и финансиски инструменти за забрзување на овој процес.
Андоновски: Дигитализиравме две важни услуги за извозниците, но компаниите воопшто не ги користат
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски истакна дека Министерството активно работи на зголемување на бројот на дигитални услуги за компаниите и граѓаните, но предупреди дека дел од веќе воведените дигитални услуги остануваат неискористени.
Како пример ги посочи двете услуги поврзани со извозот – издавањето сертификат за квалитет на вино и сертификат за квалитет на производи, кој најчесто се користи при извозот на тутун.
„Пред околу две години направивме анкета меѓу компаниите за тоа кои услуги најмногу им е потребно да бидат дигитализирани. Меѓу петте најбарани беа две услуги што се однесуваат на извозот – сертификатот за квалитет на вино и сертификатот за квалитет на производи, кој најчесто се користи при извозот на тутун. За овие сертификати годишно се реализираат околу 20.000 трансакции во хартиена форма. Услугите се дигитализирани од 20 јули годинава, но досега нивната искористеност е нула“, изјави Андоновски.
Според министерот, ваквиот пример покажува дека дигиталната трансформација не зависи само од подготвеноста на институциите да понудат електронски услуги, туку и од интересот на компаниите да ги користат.
„Не може да имаме дигитална трансформација ако нема побарувачка и интерес за тоа од страна на фирмите или граѓаните“, порача Андоновски.

ИНОФЕИТ нуди бесплатна поддршка за дигитализација на компаниите
Компаниите во Македонија веќе имаат можност да користат бесплатни услуги за дигитална трансформација преку ИНОФЕИТ ЕДИХ, европски дигитален иновациски хаб, чии активности се финансирани со средства од Европската комисија и Владата на Северна Македонија.
Директорот на ИНОФЕИТ ЕДИХ, проф. д-р Димитар Ташковски, истакна дека дигиталната трансформација е комплексен процес со кој се соочуваат не само македонските компании, туку и претпријатијата во Европската унија.
„Процесот на дигитална трансформација не е едноставен и не претставува предизвик само за нашата држава, туку и за Европската унија. Токму затоа, Европската комисија формираше мрежа на европски дигитални иновациски хабови низ цела Европа, кои им помагаат на компаниите во процесот на дигитална трансформација. Во Европа функционираат околу 200 вакви хабови, а во Македонија, покрај нашиот, од оваа година започна со работа уште еден“, изјави Ташковски.
Тој посочи дека ваквите центри имаат важна улога во поврзувањето на компаниите со технолошката експертиза и решенијата што им се потребни за модернизација на производството и деловните процеси.
Ташковски презентираше неколку примери на успешна дигитална трансформација на работењето на македонски компании, кои резултирале со зголемена ефикасност и продуктивност, преку подобро искористување на ресурсите и унапредување на процесите.
Тој ги повика малите и средни претпријатија да се обратат до Инофеит и да побараат решенија и поддршка за дигитализација на нивното работење, за што на располагање е буџет од 2 милиони евра обезбеден од Европската комисија и Владат.
Развојната банка со дигитална платформа за извозно осигурување и поволни кредити за дигитализација
Извршната директорка на Развојната банка на Северна Македонија, Ефимија Димовска, нагласи дека компаниите мора да ја препознаат дигитализацијата како неизбежен процес доколку сакаат да останат конкурентни, особено во услови на постепено приближување кон европскиот пазар и неговите стандарди.
Како конкретен пример за дигитализација на услугите наменети за бизнис секторот, таа ја посочи новата електронска платформа за извозно осигурување, развиена со поддршка на швајцарската Програма IME.
„За да го олесниме процесот на дигитална трансформација, Развојната банка, со поддршка на Програмата IME, неодамна ја промовираше електронската платформа за извозно осигурување. Со оваа платформа го поедноставивме процесот на аплицирање за услугата, што овозможува заштеда на време и ресурси и за компаниите и за Развојната банка“, изјави Димовска.
Таа информираше дека Развојната банка располага и со посебна активна кредитна линија со поволни услови, наменета за поддршка на дигиталната трансформација на малите и средните претпријатија.
GoDigital: На компаниите им се потребни знаење, експертиза и поддршка во целиот процес
Никица Мојсовска-Блажевски, директорка на Центарот за дигитална трансформација GoDigital, ги претстави активностите и можностите за поддршка што им се достапни на македонските компании.
GoDigital е иницијатива формирана во 2023 година од организацијата Македонија2025, како одговор на потребата од развој на посилен екосистем за дигитална трансформација на приватниот сектор.
Покрај подигнувањето на свеста кај компаниите за придобивките од дигитализацијата, центарот работи и на развој на стручни капацитети што ќе можат директно да им помогнат на фирмите при воведувањето нови технологии.
Во рамките на активностите на GoDigital се обучени и консултанти за дигитална трансформација, кои можат да обезбедат стручна поддршка за компаниите во различни фази од процесот – од идентификување на потребите до планирање и спроведување на соодветни дигитални решенија.
Македонските ИКТ компании се ориентирани кон извоз, нема домашни дигитални решенија
Еден од предизвиците што беше посочен во дискусијата е недоволната поврзаност меѓу домашниот ИКТ сектор и компаниите од другите стопански дејности, односно ограничената побарувачка за домашни дигитални решенија.
Според Јордан Димитровски, претседател на Управниот одбор на МАСИТ, причината лежи во недоволната развиеност на домашниот пазар, каде што компаниите често не ја препознаваат или не можат соодветно да ја вреднуваат економската корист од инвестициите во дигитални технологии.
Поради тоа, голем дел од македонските ИКТ компании се ориентираат кон странските пазари, каде што побарувачката и можностите за пласман на напредни дигитални решенија се поголеми.
„Во македонскиот ИКТ сектор работат 3.600 фирми, со вкупен приход од 1,7 милијарди евра и учество од 5% во создавањето на бруто-домашниот производ на земјата. Тоа е добар потенцијал за поддршка на дигитализацијата на останатите сектори во економијата“, истакна Димитровски.
Тој предупреди дека македонските компании ризикуваат да ја изгубат конкурентноста доколку не започнат поинтензивно да инвестираат во дигитализација, автоматизација и примена на вештачка интелигенција во работењето.
Според него, конкурентските компании од регионот веќе се во понапредни фази на технолошка трансформација, што дополнително го зголемува притисокот врз домашните производители.
„Дигитализацијата, пред сè, треба да се разбере како процес што ќе ја подобри конкурентноста на компаниите, а не како прашање за кое тие сè уште имаат избор дали ќе го спроведат или не“, потенцира Димитровски.
Учесниците на панел-дискусијата нагласија дека дигиталната трансформација има особено големо значење за македонските извозно ориентирани компании, кои се соочуваат со засилена меѓународна конкуренција и сè повисоки барања од странските купувачи.
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:
ИНОФЕИТ ЕДИХ и Швајцарската Програма ИМЕ потпишаа Меморандум за соработка за дигитална трансформација на МСП


























