Најуспешната македонска компанија Алкалоид објави дека првите девет месеци годинава реализирала вкупни консолидирани продажби од 203 милиони евра, што е за 14 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Од вкупните консолидирани продажби на Алкалоид, 30% или околу 62 милиони евра се остварени на домашниот пазар и тие се зголемени за 10% во споредба со истиот период лани.
Многу поголем дел или 70% од вкупните консолидирани продажби на компанијата се остварени на странски пазари. Вкупниот извоз на Алкалоид во периодот јануари-септември 2023 година надмина 141 милион евра и е зголемен за 15% во споредба со истиот период лани.
Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 28%, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 22 %, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР…) се остварени 19 %, а на другите пазари е остварен 1 % од вкупните консолидирани продажби.
Најголем пораст кај извозните пазари, во споредба со првите девет месеци од 2022 година, бележат продажбите остварени во Канада, кои се зголемени за 40-пати; потоа во Италија, каде што се зголемени за повеќе од 30-пати; во Јужна Африка за 5-пати; во Австрија за 4-пати, како и во Чешка и во Чиле, каде што се зголемени за трипати. Потоа следуваат оние во Велика Британија (раст од 87 %), Ерменија (раст од 64 %), Романија (раст од 63 %), во Монголија (раст од 26 %), Албанија (раст од 24 %), Бугарија (раст од 14 %), во Украина (раст 12 %), Хрватска (раст од 11 %), Босна и Херцеговина (раст од 8 %), во Србија (раст од 6 %) итн.
Сегментот фармација создава 90% од продажбите на Алкалоид
Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 90 %. Од нив, поголем удел имаат антибиотиците со 28 %, препаратите ОТЦ со 19 %, невролошките препарати со 12 %, кардиолошките препарати со 12 % од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 10 % во вкупните консолидирани продажби, поточно хемија учествува со 2 %, козметика со 7 %, а билкарство учествува со 1 %. Вкупните продажби бележат пораст кај профитните центри фармација и козметика во споредба со остварените во истиот период од 2022 година. Сегментот фармација бележи раст од 16 %, а козметика раст од 8 %.
Инвестирани 20,2 милиони евра за деветте месеци годинава
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – септември 2023 година изнесуваат 1.240.857.214 денари и во споредба со остварените во истиот период од 2022 година бележат раст од 47 %. Ваквото зголемување на инвестициите се должи на најголемиот инвестициски проект на АЛКАЛОИД во последните 20 години – новото производствено одделение за производство на цврсти форми 2 – со кој се зголемуваат капацитетите за производство на цврсти форми за повеќе од двапати.
Раст на консолидираната нето добивка од 14%
Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 2.222.310.580 денари и бележи раст од 12 %, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 1.295.368.737 денари е зголемена за 14 %.
Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 2.096.790.692 денари, бележи зголемување од околу 9 %, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 1.299.694.920 денари и е зголемена за 12 %.
При извршувањето на оперативните активности АЛКАЛОИД АД Скопје ангажирал повеќе од 1.000 домашни добавувачи.
191 ново вработување во земјава
Во периодот јануари – септември 2023 година во АЛКАЛОИД АД Скопје е реализирано 191 ново вработување во РС Македонија. Со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, во март 2023 година е одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор за вработените во компанијата, во висина на нето-износот од 36.500 денари. Групацијата АЛКАЛОИД брои 2.787 вработени, од кои 2.122 се во земјава, а 665 се вработени во подружниците во странство.
Акциите на Алкалоид меѓу најтргуваните и најликвидните на Македонската берза
Акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на Берзата. Цената на акцијата во периодот јануари – септември 2023 година се движеше од 17.199,00 до 18.400,00 денари или просечно 17.682,15 денари за една акција. На 30.9.2023 година акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје беа во сопственост на 5.448 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше повеќе од 25,2 милијарди денари.
Очекувања за следниот период
Бизнис-планот за 2023 година, донесен со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на 29.12.2022 година, предвидува инвестирање на околу 11 % од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства, раст од 10 % на консолидираните продажби во однос на 2022 година, како и раст од 7 % на консолидираниот профит пред оданочувањето, во однос на 2022 година.
Бизнис-планот за 2023 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот. Околностите и настаните во 2023 година, а со тоа и остварените резултати, може да варираат во однос на прикажаните во бизнис-планот.
“Во изминатиот период друштвото се соочи со голем број интерни и екстерни предизвици и новонастанати ризици генерирани од енергетската и од економската криза. Презедовме голем број мерки во досегашниот период со цел неутрализирање на сите негативни ефекти, без притоа да се загрози успешното работење на друштвото. Во согласност со очекувањата, она кое доминираше во 2022 година, а кое продолжува и во 2023 година е забележителниот раст на цените на голем дел од влезните суровини и материјали и на енергенсите, како и порастот на цените за транспорт на глобално ниво, а особено значителните пролонгирања на роковите за испорака”, велат од Алкалоид.
Сето ова влијаеше и врз стапката на инфлација, која достигна високо ниво, но и врз намалената предвидливост за нејзините идни трендови. Во исто време, каматните стапки на регионалните и на европските пазари достигнаа рекордно високо ниво во последните неколку години, што дополнително ги оптоварува оперативните трошоци во работењето. Покрај сето тоа, изразената неизвесност на глобалните економски текови доведе и до варијабилност на повеќето национални валути, што значително го зголемува ризикот од негативни курсни разлики во работењето.
Како најголем предизвик и како прв приоритет за периодот што доаѓа и натаму останува грижата за здравјето на вработените, како и одржувањето на тековната ликвидност и на финансиската стабилност, но и остварувањето на планските цели.