Компанијата Амфенол Технолоџи Македонија официјално ја пушти во употреба новата производна хала во Кочани, со што го продолжува својот инвестициски циклус во земјава. Во моментот, компанијата вработува околу 3.050 лица, а со новите инвестиции бројот на вработени ќе достигне 3.700 до крајот на 2026 година.

„Амфенол“ е дел од глобална корпорација која, како што истакна директорот Сашко Наков, има силна доверба во македонското деловно опкружување и континуирано инвестира, без прекин — дури и во време на кризи.

Ние немавме застој во инвестициите, дури ни за време на ковидот. Бројките покажуваат постојан раст. Имаме одлична соработка со Владата и премиерот Мицкоски, чие присуство денеска за нас претставува чест. Верувам дека нашите вложувања ќе бидат дополнителен импулс за продлабочување на заедничката соработка,“ изјави Наков на настанот по повод стартот на новата хала изјави Сашко Наков, директор на „Амфенол технолоџи Македонија“ за време на настанот на кој се одбележи почнувањето со работа на новата производна хала, на кој присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски.
Според планот, до крајот на септември тековната хала ќе биде целосно завршена и подготвена за инсталирање на опрема, што ќе овозможи нови 200 вработувања. Во текот на 2026 година, компанијата планира изградба на уште еден производен објект со површина од 3.200 квадратни метри, кој ќе отвори дополнителни 300 работни места.


Премиерот Христијан Мицкоски ја поздрави инвестицијата, нагласувајќи дека станува збор за трудоинтензивен проект со висока технолошка вредност.
Во новите две хали, зборувам за оваа којашто сега ја гледате позади нас, којашто е во фаза на изработка и таа што догодина ќе започне, ќе има исклучително висока технологија, којашто одговара на најсовремените технолошки процеси. Како Влада поддржуваме директни инвестиции, домашни, странски инвестиции, не само преземајќи го институционалниот ризик, туку и финансиски. Преку програмата ќе ги поддржиме овие нови инвестиции на компанијата, „Амфенол“ тука во Кочани, како што кажа и директорот во иднина планираме и во одредени други градови да се прошири инвестицијата на „Амфенол“. Така што за нас компанијата претставува стратешки партнер”, изјави Мицкоски

„Амфенол Технолоџи Македонија“ ја заврши 2024 година со приходи од 180 милиони евра, а проценките за 2025 година се дека тие ќе достигнат 200 милиони евра. Во последната едиција ТОП 100 ИЗВОЗНИЦИ, Амфенол е рангиран како шести најголем извозник од Македонија, со извоз во 2023 година од 163 милиони евра.

Амфенол Технолоџи Македонија е дел од американската AMPHENOL COOPERATION, која во октомври 2013 година отвори своја фабрика за електроника, производство на електронски и оптички конектори, кабелски и интерконекциски системи, производство на апарати за домаќинство и електрични производи во Македонија, во Кочани.