Бизнисите од Западен Балкан годишно губат 26 милиони часови во чекање по граници

Приказната за развојот на Коморскиот инвестициски форум (КИФ), како асоцијација на стопанските комори од регионот на Западен Балкан, во кој е вклучена и Стопанската комора на Македонија, започна во 2015 година, во рамките на Берлинскиот процес, под покровителство на германската канцеларка Меркел, со единствена цел да помогне за поврзувањето на бизнисите преку границите во регионот.

Денес, КИФ ја претставува можеби најважната алатка за зајакнување на регионалната економска соработка и еден од најуспешните резултати на Берлинскиот процес. Соработката во рамките на КИФ се заснова на премисата дека деловните заедници од регионот заеднички можат да направат многу повеќе во однос на економскиот развој на секоја од државите, но и на целиот регион, отколку што некогаш би можеле да направат секој поодделно, истакна д-р Татјана Штерјова, национален координатор на КИФ од Стопанката комора на Македонија, во своето излагање на редовната прес-конференција во Стопанската комора на Македонија.

Според последните статистички податоци, засилените активности на КИФ насочени кон зајакнување на регионалната економска соработка и промовирање на понатамошна трговска интеграција, даваат позитивни резултати. Имено, во 2019 година, 10,1% од вкупниот обем на трговската размена на Република Северна Македонија со светот е реализиран со земјите од регионот на Западен Балкан, при што од вкупниот реализиран извоз во 2019 година 11,4% е реализиран кон земјите од Западен Балкан и 9,2% од реализираниот увоз за истиот период.

Иако општата констатација е дека години наназад трговската размена со земјите од Западен Балкан не надминува 10%-12% од вкупно реализираната размена, бројките, ако се погледнат во апсолутен износ, покажуваат тенденција на раст во изминатите пет години. Така, во 2019 година, со земјите од регионот на Западен Балкан е реализиран вкупен обем на размена од 1,5 милијарди евра, при што на извозот отпаѓаат 734 милиони евра и се бележи раст од 13,6% во споредба со 2018 година.

Споредбено со 2015 година, кога го бележиме и почетокот на активностите на КИФ, вкупниот обем на трговска размена на Северна Македонија со земјите од регионот на Западен Балкан пораснал од 1,09 милијарди евра во 2015 година на 1,5 милијарди евра во 2019 година, односно реализирана е трговска размена поголема за речиси 400 милиони евра. Истото се однесува и на растот на македонскиот извоз кон земјите од Западен Балкан – ако во 2015 година тој бил во вредност од 518,4 милиони евра, во 2019 година достигнува износ од 734 милиони евра, односно раст од 41% за споредуваниот период.

“Коморскиот инвестициски форум активно работи на проекти за регионална интеграција и зајакнување на соработката на бизнис заедниците од шесте земји од регионот, со цел побрза интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија. Тоа што во изминатиот период шесте комори во рамки на Коморскиот инвестициски форум успеаја да го постигнат преку активно лобирање и залагање за јавно-приватен дијалог меѓу бизнис заедниците, институциите и владите од регионот, може да послужи само како позитивен пример за тоа како треба да изгледа моделот на „нова Европа“ на регионот на Западен Балкан”, истакна Сафет Ѓергалиу, генерален секретар на Коморскиот инвестициски форум.

Од своето основање, КИФ активно работи на спроведување на 4-те основни столбови за креирање на економски раст и развој во регионот, вклучувајќи: зголемување на интрарегионалната трговска размена, но и зголемување на размената на регионот со земјите од Европската Унија, зголемување на странските инвестиции, слободно движење на стоки и луѓе, како и дигитализација на процесите во шесте земји од регионот. За компаниите од регионот се` уште како отворено прашање остануваат различните и неусогласените административни процедури помеѓу државите од регионот на Западен Балкан и долгите часови на чекање на граничните премини.

Студиите покажуваат дека камионите годишно губат приближно 26 милиони часови на чекање на граничните премини, што придонесува за загуби кои достигнуваат до 1% од БДП и намалување на извозот за 1%, или повеќе од 7% кога станува збор за земјоделските производи.

Дополнително, компаниите имаат големи трошоци поврзани со исполнувањето на административните барања на секоја граница што ја преминуваат. Непризнавањето на сертификатите и другите придружни документи при извозот е сè уште најпроблематичното прашање за нашите компании, поради што бизнис заедницата од регионот претставувана преку КИФ го поздравува донесувањето на неколку одлуки во рамките на ЦЕФТА во изминатиот период, особено одлуката за трговијата на овошје и зеленчук, која во идниот период особено ќе придонесе за забрзување и поедноставување на трговијата со земјоделски производи низ регионот.

Во насока на отстранување на гореспоменатите бариери и креирање услови за успешно поврзување на регионот, КИФ во моментот спроведува проектни активности во соработка со партнерски институции како што се, Европската Унија, KfW – Германската банка за развој, DIHK – Унијата на германски комори за индустрија и трговија, WKO – Стопанска комора на Австрија и УСАИД.

Овие активности ќе придонесат за побрзо реализирање на агендата на Коморскиот инвестициски форум и јакнење на капацитетите на малите и средни претпријатија во регионот, коишто воедно се и најбројни, во насока на зголемување на извозните капацитети, имплементација на дигитализацијата во нивното работење, креирање на стручен кадар преку моделите на дуално образование и олеснето движење на стоките, услугите и луѓето во регионот на Западен Балкан и ЕУ.