Зголемување на конкуренцијата на пазарот на нафтени деривати е целта која сака да ја постигне Бугарија со формирањето на Државната нафтена компанија. Првичната идеја е изградба на 100 бензински станици во кои ќе се продаваат нафтени деривати со минимална маржа, пишува Investor.bg.
Одлуката за формирање на државното претпријатие “Државна нафтена компaнија” е веќе одобрена од владата на премиерот Бојко Борисов.
Се предлага новата државна нафтена компанија да ги исполнува и сите функции на складирање и обновување на државните нафтени резерви.
Но, главната цел која сака владата на Борисов да ја постигне е да се зголеми конкуренцијата на пазарот со цел да се обезбедат максимално ниски цени за граѓаните и бизнисите. За таа цел, државната нафтена компанија во текот на следната година ќе изгради бензински станици низ целатадржава.
Според министерот Горанов, државните бензински станции ќе бидат лоцирани во поголемите градови, главните патишта и магистрали, но и места, каде што големите нафтени компании не сакаат да градат објекти.
Горанов информира дека 91% од сите складови во Бугарија се во сопственост на само 6 оператори, од кои еден поседува над 78%. Предлогот е новата Државна нафтена компанија да биде одговорна за набавка и складирање на државните нафтени резерви, со изградба на складови во кои деривати ќе можат да складираат и други компании.
“Не е тајна дека на темата за цената на горивата во малопродажба се разговара со години наназад. Во периодот на оваа криза се поостро се забележуваат некои диспропорции во цените, кои немаат објективно објаснување”, вели министерот Горанов, кој смета дека државата треба да има поголема контрола врз трговијата со нафтени деривати.
Според него, во периодот на пандемијата берзанските цени на нафтата се намалиле драстично, а тоа намалување не се пресликало во малопродажните цени, посочувајќи дека нафтените дистрибутери ги продаваат горивата со многу високи маржи.