Најголемата прехранбена компанија „Витаминка“ објави дека во првата половина од 2025 година остварила вкупни приходи од продажба во износ од 31,2 милиони евра, што претставува раст од 9% во споредба со истиот период минатата година, покажува најновите консолидирани финансиски извештаи објавени на Македонската берза.
Околу две третини од приходите, односно 63%, се остварени на домашниот пазар, каде што продажбата бележи раст од 16% и достигнала 19,5 милиони евра. Извозот, односно продажбата на странските пазари, во првите шест месеци од годинава бележи пад од 2% и изнесува 11,7 милиони евра.
Оперативните расходи на „Витаминка“ во периодот јануари–јуни 2025 година се зголемени за 13%, достигнувајќи 29,7 милиони евра. Оперативната добивка во истиот период е намалена за 7% и изнесува 1,2 милиони евра. Нето-добивката на компанијата изнесува 788 илјади евра, што претставува раст од 8% во однос на истиот период лани.
Од компанијата информираат дека во првата половина од годинава инвестирале околу 2,6 милиони евра.
„Инвестицијата се однесува на набавка на опрема, проектирање и изградба на нова лабораторија, градежна адаптација и набавка на транспортни средства. Новите вложувања се насочени кон автоматска линија за пакување меки кекси, нова лабораторија за потребите на друштвото и дополнителни автоматски пакувачи, што ќе придонесе за зголемување на продуктивноста, подобрување на квалитетот на производите и генерирање заштеди во работењето“, велат од „Витаминка“.
Во периодот јануари–јуни 2025 година, бројот на вработени во „Витаминка“ и поврзаните правни лица е намален за 22 лица.
Од компанијата посочуваат дека работењето и понатаму се одвива во отежнати и нестабилни макроекономски услови, и очекуваат овој тренд да продолжи.
„Глобалните безбедносни кризи го отежнуваат економскиот амбиент и предвидливоста, што може да влијае врз цените на енергенсите, да создаде потешкотии во синџирите на снабдување, но и да ја намали достапноста на одредени материјали. Главните суровини што се користат во производствениот процес покажуваат нагорен тренд, особено какаото. Од геополитички аспект, големо прашање е каде се движиме, имајќи ги предвид негативните тенденции поврзани со војната во Украина и Израел. Лесно може повторно да дојде до ескалација на цените на храна и енергија, а видовме колку сме ранливи на такви промени. Миграцијата е болна тема, поврзана и со пазарот на труд, но и со капацитетот и човечкиот капитал што треба да ја гради иднината на нашата земја. Во 2025 година, друштвото ќе продолжи да го следи курсот на раст и развој, со акцент на тековните инвестиции во нови производствени капацитети и опрема, како и вложувањата во развојно-истражувачки проекти“, велат од „Витаминка“.