Внимавајте со кого правите бизнис: Се очекува бран на банкроти во Италија и Германија

Иако очекувањата се дека европските економии ќе почнат да закрепнуваат во втората половина од годинава, на сите им е повеќе или помалку јасно дека патот до закрепнување ќе биде многу долг и тежок.
И покрај непосредните даночни одложувања и државната помош за подобрување на ликвидноста и задржувањето на работниците, извесно е дека многу фирми ќе се соочат со финансиски проблеми.

Според предвидувањата на Coface, Италија ќе биде меѓу економиите кои ќе бидат најтешко погодени од Ковид 19 со економски пад годинава од 12,8% (ММФ).
Coface прогнозира корпоративните банкроти да се зголемат за 37% во Италија до 2021 година, во однос на нивото на 2019 година.

“И покрај тоа што каматните стапки се екстремно ниски, презадолженоста на компаниите е поврзана со депресираното приватно инвестирање. Како резултат, кризата COVID-19 може да изврши траен надолен притисок врз потенцијалот за раст на една земја, забрзувајќи ја „јапонизацијата“ на еврозоната”, се вели во Извештајот на Coface.

Бизнисите во Италија се меѓу најзадолжените споредено со големите европски економии, а зголемената неусогласеност помеѓу финансирањето и инвестициите може да укаже на голема распространетост на „зомби“ фирмите во Италија – презадолжени компании што немаат речиси никаков потенцијал за иден раст.

Една од најновите анкети, пак, на германскиот институт ifo покажа дека дури една петина (21%) од фирмите во Германија се плашат за опстанокот на нивниот бизнис и веруваат дека нивното преживување е загрозено од кризата која ја предизвика пандемијата на корона вирус.

“Би можеле да видиме бран на несолвентност и банкроти меѓу фирмите во следните неколку месеци”, вели Стефан Сауер, истражувач во Ifo.

Но, зомби компаниите претставуваат страв и за многу други европски држави, како и за САД. Зомби компаниите се компании кои мораат да се задолжуваат за да преживеат, а кои не прават доволно профит за да ги покриваат трошоците на задолжување. Ниската цена на задолжување во изминативе години само помогна да се одложат банкроти на многу презадолжени фирми, чиј процент во развиените земји се проценува на околу 20%, но кои се очекува дека тешко ќе ја преживеат корона кризата.

Дополнително, според Дојче Банк и Банката за меѓународни порамнувања, бројот на зомби компании во еврозоната и САД, односно  компании кои не можат да ги покријат трошоците за нивните камати со оперативниот профит, е зголемен на ниво, кое е рекордно највисоко на сите времиња.

Италија и Германија се меѓу 10-те најголеми извозни пазари за македонските компании. Германија е најголем извозен пазар со извоз од 3,13 милијарди евра, а Италија е шести најголем извозен пазар со извоз од 173 милиони евра минатата година.