Повеќекратните кризи во последните години ги открија слабостите во бизнис моделот на Германија, се вели во анализата на Дојче Веле.
Непосредно пред крајот на милениумот, британскиот бизнис магазин Економист донесе пресуда за германската економија, нарекувајќи ја земјата како болен човек на Европа. Таквата оценка послужи како повик за будење за германската политика, која сè уште опиена од економски силните години по повторното обединување, заостануваше со реформите. Владата на канцеларот Герхард Шредер потоа го реформираше пазарот на труд, што конечно се исплатеше: Во 2014 година, група економисти од Берлин и Лондон напишаа дека Германија се развила „Од болен човек на Европа до економска суперѕвезда“.
Германската економија повторно се бори. Два квартали по ред, нејзиното економско производство се намалува – нешто што економистите го означуваат како „техничка рецесија“. Во последниот квартал, германскиот бруто домашен производ (БДП) стагнира на нивото од претходниот квартал, а сите важни економски показатели покажуваат пад.
„Економската ситуација во Германија се затемнува“, беше заклучокот на претседателот на институтот ifo, Институтот за економски истражувања Лајбниц при Универзитетот во Минхен, Клеменс Фуест.
Институтот ifo испитува 9.000 директори секој месец за моменталната состојба на нивните бизниси и нивните очекувања за следните шест месеци. Индексот за деловна клима на ifo (јули 2023 година) паѓа трет месец по ред. Истражувачите на ifo очекуваат германскиот БДП повторно да се намали во текот на тековниот квартал.
Ситуацијата е јасна и за главниот економист на Комерцбанк, Јерг Кремер: „За жал, нема подобрување на повидок“, изјави Кремер за новинската агенција Ројтерс. „Зголемувањето на каматните стапки ширум светот го земаат својот данок, особено затоа што германските бизниси веќе се погодени поради еродирачкиот квалитет на нивната локација.
Индустријата повеќе не е најсилниот дел
Во споредба со другите индустриски развиени земји, Германија има исклучително слаби резултати – и според проценката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ќе биде единствената голема земја што ќе има намалено економско производство. Најголема загриженост предизвикува индустрискиот сектор во земјата, најсилниот дел на нејзината економија. Таа претставува релативно голем дел од германската бруто додадена вредност (БДВ), околу 24%, и страда од глобалниот економски пад. Инженерскиот и автомобилскиот сектор, кои се многу зависни од извозот, особено ги чувствуваат ефектите од помалите нарачки од странските клиенти.
Компаниите во производствените индустрии сè уште ги чувтвууваат ефектите од големиот заостаток на нарачки што се акумулираа за време на пандемијата COVID-19 поради значајните проблеми со синџирот на снабдување. Но, овие нарачки наскоро ќе бидат исполнети – а нови доаѓаат поретко: од март до мај, бројот на примени нарачки беше за нешто повеќе од 6% намален во однос на трите месеци претходно.
Економскиот пад на Германија има многу причини. Една од нив е монетарната политика на централните банки. Федералните резерви, Европската централна банка и други сакаат да ја ограничат инфлацијата преку значително зголемување на каматните стапки. Тоа ги прави кредитите поскапи за компаниите и потрошувачите, што има забавен ефект врз друг важен економски сектор во Германија – градежништвото – како и ја намалува подготвеноста на компаниите да инвестираат.
Овој „застој“ на економската динамика е целата поента на зголемувањето на каматните стапки. Но, другите земји од еврозоната, како што се Франција или Шпанија, многу подобро се справија со ова. „Сите наши европски соседи имаат поголем економски моментум“, изјави Мориц Шуларик, новиот претседател на Килскиот институт за светска економија (IfW).
Значи, структурните проблеми ја кочат Германија. Економскиот модел на земјата порано се засноваше на увоз на евтина – првенствено руска – енергија и евтини суровини и полупроизводи, нивна преработка и извоз како скапа стока со висока вредност. Но, тоа веќе не функционира. Повеќекратните кризи во последните години безмилосно ги открија слабостите на Германија. Енергетски интензивните претпријатија страдаат од високите трошоци за енергија, а оние кои го преселиле своето производство не се враќаат. Но, проблемите на Германија не завршуваат тука.
Целата анализа прочитајте ја тука.