Германскиот извоз порасна значително повеќе од очекуваното во февруари поради силната побарувачка од САД и Кина, покажаа податоците кои денеска ги објави Федералниот завод за статистика Дестатис.

Извозот на германските компании во февруари изнесувал 136,7 милијарди евра и е поголем за 4% во однос на претходниот месец, односно 7,6% во однос на истиот месец минатата година, соопшти Федералниот завод за статистика. Анкетата на Ројтерс предвиде месечен пораст на извозот од 1,6%.

Увозот, пак, во февруари изнесувал 120,7 милијарди долари и е поголем за 4,6% во споредба со јануари, односно за 3,8% во однос на истиот месец минатата година, објави Дестатис, наспроти очекувањата на аналитичарите за пораст од 1%.

Германските извозници се уште најмногу узвезуваат во земјите членки  на ЕУ, во вредност од 73,9 милијарди евра, додека извозот во земјите надвор од ЕУ изнесувал 62,8 милијарди евра во февруари.

Најголем извозен пазар за Германија останува САД, каде во февруари годинава биле извезени производи вредни 14 милијарди евра, а втор е Кина со извоз вреден 8,5 милијарди евра. Извозот во Русија во февруари годинава е за дури 60% помал од извозот ланскиот февруари и изнесува околу 900 илјади евра. На страната на увозот најголем пазар е Кина, со увоз вреден 13,6 милијарди во февруари.

Надворешно-трговскиот биланс покажа суфицит од 16 милијарди евра (17,42 милијарди долари) во февруари, во однос на 10,7 милијарди евра во истиот месец од претходната година.

Проблемите со синџирите на снабдување, енергетската криза и геополитичките ризици се очекува да влијаат врз компаниите извозници оваа година.

Германската трговска и индустриска комора ДИХК прогнозира реално раст на извозот од 2,5% во 2023 година, еден процентен поен под просечниот раст во текот на претходната деценија.