Македонските компании во јануари годинава на странските пазари извезле стоки во вредност од 546 милиони евра, што е за 3,6% повеќе од јануари минатата 2021 година.

Увозот, пак, во јануари пораснал многу повеќе, за 29,3%, достигнувајќи вредност од 806,6 милиони евра.

Заради поголемиот раст на увозот, покриеноста на увозот со извозот во јануари се намали  на само 67,7%, во споредба со покриеноста во јануари 2021 година која изнесуваше 84,6%, а трговскиот дефицит достигна 260,5 милиони евра, зголемувајќи се речиси тројно во споредба со јануари 2021 година кога трговскиот дефицит во размената изнесуваше 96,3 милиони.

Статистиката покажува дека извозот во јануари годинава бележи намалување од 7,9% во споредба со декември 2021 година, додека јануарскиот увоз е намален за 14,5%.

Најголем дел од извозот во јануари го направиле компаниите од зоните, или 250 милиони евра, што е близу 46% од вкупниот извоз. Извозот од зоните во јануари годинава бележи раст од 8% во споредба со истиот месец лани.

Гледано по сектори, најголем извоз во јануари 2022 година е направен со извоз на хемиски производи во вредност од 187, 3 милиони евра (каде доминира извозот на катализатори на Џонсон Мети), што е за 23% повеќе во споредба со истиот период минатата година.

Но, кај машините и транспортните уреди, кои се втора најголема извозна ставка со вредност од 134 милиони евра, во јануари се бележи голем пад на извозот, од дури 27,5%. Или извозот на машини и транспортни уреди од земјава е помал за 50 милиони евра во споредба со истиот месец лани. Во овој сегмент доминира извозот на автомобилски делови кој е поврзан со германската и европската автомобилска индустрија кои, пак, се соочуваат со намалено производство и продажби заради кризата со недостиг на чипови.

Извозот на храна во јануари изнесувал 22,7 милиони евра и бележи раст од 12,5% во споредба со јануари 2021 година. Извозот на нафтени деривати во јануари е речиси двојно зголемен во однос на јануари минатата година и достигна 13,8 милиони евра.

Најголем пад на извозот во Велика Британија и Германија

Ако се анализира извозот најголем дел или 79% и во јануари е пласиран во Европската Унија (ЕУ), чија вредност достигнала 433 милиони евра, што е намалување за 2%.

Извозот во Западен Балкан, пак, во јануари е зголелен за 28%, достигнувајќи 53 милиони евра.

Гледано по земји, извозот во јануари бележи пад во Велика Британија, Германија, Италија и Романија, додека во сите поголеми тргповски пазари има раст на извозот во јануари.

Германија и понатаму останува најголем извозен пазар со учество од 46% во вкупниот извоз или вредност од 250 милиони евра. Извозот во Германија во јануари годинава е намален за 10,4%.

Најголем пад во јануари од 20,1% има кај извозот во Велика Британија, кој во јануари изнесуваше  15 милиони евра.

Извозот во Бугарија, вториот најголем извозен пазар, во јануари бележи  раст од 27,8%, достигнувајќи 27,1 милион евра.