Кризата со корона вирусот ги натера многу држави во светот да го преиспитаат значењето и улогата на домашното производство во клучните индустрии, како на пример производство на храна, лекови, медицинска и заштитна опрема…Во многу држави веќе се отворени дебати како да се зголеми домашното производство во овие клучни сектори, па веќе се разговара за разни форми на субвенционирање, пристап до поволни кредити за компаниите од прехранбениот и здравствениот сектор за да инвестираат и да произведуваат повеќе, поголемо учество на домашни производи во набавките на јавните институции…
Бидејќи кризата со пандемијата на корона вирус покажа дека во случаи на големи пореметувања и затворање на границите, она на што можеме да се потпреме е домашното производство.

Но, за воопшто за да се тргне во зацврстување на домашната индустрија и зголемувањето на домашното производство состојбите треба реално да се согледаат, за да може да се понудат и решенија кои ќе можат да бидат ефикасни и да дадат резултати. Реалноста е дека на Македонија во изминатите три децении и се случува тивка деиндустријализација.
Производството, посебно во областа на храна и земјоделски производи, станува скапо и неконкурентно во споредба со увозните производи. Податоците покажуваат дека производството во некои клучни сектори бележи постојан пад и покрај субвенциите кои се делат од буџетот за поттикнување на земјоделското производство.

Домашното производството на месо се намалува, увозот расте

Една од областите која го отсликува назадување на состојбите во домашното производство е производството на месо.
Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека во изминатите десетина години има континуирано намалување на производството на говедско месо, живина и овчо месо. Зголемување на производството има само кај свинското месо.

И како што се намалувало производството, така домашната потрошувачка за месо се задоволувала со месо од увоз.

Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека само минатата година сме увезле 67 илјади тони месо, кои во споредба со 2010 година е зголемен за околу 10 илјади тони.

За увоз на пилешко плаќаме 49 милиони евра, 60% повеќе од пред 10 години

Најголемо и најдрастично е намалувањето кај производството на месо од живина. Лани сме произвеле 1.490 тони живинско месо, што е за 54% помалку во споредба со 2010 година кога се произведувале 3.236 тони живинско месо. Месо од живина увезуваме најмногу. Само минатата година се увезени 40 илјади тони, во најголем дел околу 34 илајди тони е замрзнато месо од живина,  за што се платени 49 милиони евра, или за 60% (20 милиони евра) повеќе од пред десет години.
За споредба, пред 10 години сме увезувале 32 илајди тони пилешко месо во вредност од 30 милиони евра.

Производството на говедско и овчо месо се намалени за 30%

Статистиката покажува дека лани во Македонија биле произведени нешто над 4 илјади тони говедско месо. Во споредба со пред 10 години, производството на говедско е намалено за 33%, или се произведуваат околу 1.200 тони помалку.
Од друга страна, лани биле увезени околу 12 илјади тони говедско (8 илјади тони свежо говедско и над 3,8  илајди тони замрзнато говедско), за кои се платени 36 милиони евра, или 56% повеќе во споредба со пред 10 години кога сме увезвале 10.000 тони говедско, а вредносно увозот изнесувал 23 милиони евра, или 13 милиони евра повеќе.
Производството, пак, на овчо месо лани изнесувало 3.392 тони, што е за 29% помалку во споредба со пред 10 години кога се произведувале 4.786 тони овчо месо.
Ако во 2010 година сме увезле само 700 килограми овчо месо, десет години подоцна во 2019 година увозот изнесувал 1.300 тони.

Расте само производството на свинско месо

Единствено зголемување во изминатите 10 години има кај производството на свинско месо. Лани во земјава биле произведени 13.384 тони свинско месо, што е зголемување за близу 60% во споредба со 2010 година кога се произведувале 8.290 тони свинско месо.

Минатата година увозот на свинско месо изнесувал 27 милиони евра или 12 илјади тони, од кои најголем дел околу 10 илјади тони било замрзнато месо. Пред 10 години увозот на свинско месо изнесувал околу 10 илјади тони и чинел околу 20,9 милиони евра, или 30% помалку отколку лани.

Ова се поразителни бројки кои само ја отсликуваат реалната состојба во која се наоѓа домашното производство на месо со години наназад. Заради лошите земјоделски политики, намаленото производство на месо во изминатите 10 години резултирало со поголем увоз на месо за цели 40 милиони евра или за ресчи 50%.

Но, месото е само еден пример. Податоците покажуваат дека увозот на храна е постојан раст изминатиот период и лани надмина 670 милиони евра, што е 259 милиони евра повеќе во споредба со пред 10 години.