Европската комисија предложи 2021 да биде година на железницата во ЕУ, при што се предвидуваат големи инвестиции во обнова и модернизација на железничките систем со цел да се промовира и зголеми транспортот на стоки, но и патници преку железницата, кој се смета еколошки начин на транспорт.
“Како еден од најоддржливите и најбезбедните начини на транспорт што го имаме, железницата ќе игра голема улога во идниот систем на мобилност во Европа. Железницата не е само еколошка и енергетски ефикасна, таа е исто така единствениот начин на транспорт што речиси континуирано ги намалува емисиите на СО2 од 1990 година, а во исто време го големи обемот на транспортот. Европската година на железницата во 2021 година ќе помогне да се засили темпото на модернизацијата на железницата, што е потребно за да се направи попопуларна алтернатива на помалку одржливите режими на транспорт”, се вели во предлогот на Европската комисија.
Францускиот министер за транспорт најави дека државата ќе и помогне на француската железница со неколку милијарди евра, а за возврат државата очекува “високо ниво на економски, еколошки и социјални перформанси“ од компанијата.
Германија исто така се обврза да инвестира од 1,5 до 4 милијарди евра годишно во модернизација на железницата со цел да го зголеми транспортот на стоки од сегашните 18% на 25% до 2030 година.
Пред неколку месеци беше потпишан кредит од 2 милијарди евра помеѓу Кина и Унгарија за изградба на пругата Белград-Будимпешта.
Значењето на железницата стана уште поголемо за време на пандемијата на корона вирус, бидејќи во време кога границите се затворија, патниот и поморскиот транспорт се соочија со прекини и потешкотии, додека железницата остана како единствен начин преку кој се транспртираа потребните медицински материјали и заштитна опрема, како и суровини и делови за да се одржува производството во многу фабрики низ Европа.
Железицата доби на значење во пандемијата заради тоа што овозможува транспорт на големи количини стоки со многу мала интеракција на луѓе.
Македонската железница во лоша состојба и во загуби
Македонските извозни компании со години бараат поголеми инвестиции во железницата со цел да се овозможи поголема искористеност на железничкиот товарен транспорт.
Во услови кога со закон е утврден монопол на државната компанија која управува со железничкиот транспорт, која со години тоне во милионски начин, единствен начин да се овозможат поголеми инвестиции во нејзина модернизација се гледа преку дозвола за влез на приватни оператори.
Бизнис заедницата смета дека македонската железничка инфраструктура е во многу лоша состојба и потребни се нови инвестиции за таа да се обнови, а неопходна е набавка на повеќе локомотиви за да се овозможи непречен проток на стоките од пристаништето во Солун, но и низ регинот, кое со директна врска е поврзано со Скопје.
Просечната старост на локомотивите е 50 години, а последните реконструкции на железничките пруги се направени пред неколку декади.
Неодамна и од Стопанската комора на Македонија побараа посилно реактивирање на железницата како транспортна опција на извозните компании, посебно во околности кога пандемијата донесе сериозни застои на патните гранични премини и километарски колони.
“Бизнис-заедницата со години апелира да не се чека влезот во ЕУ за да се дозволи влез на приватни оператори во железничкиот сообраќај – всушност, некои од примерите од соседството укажуваат дека процесот на либерализација на железничките услуги е најдобро да се започне уште пред отворањето на поглавјето транспорт во пристапните преговори, а аргумент плус е фактот што приватни оператори има во сите држави од нашето опкружување. Всушност, од сите земји низ кои минува железничкиот Коридор 10, Република Северна Македонија во моментов е единствената што нема либерализиран железнички пазар, а со оневозможувањето на сообраќањето на приватни оператори по пругите, нашата земја е главен кочничар за развојот на овој паневропски коридор. Јасно е дека либерализацијата на железницата не е прашање што може да се разреши веднаш, но преземањето на дејствија за започнување на тој процес би упатило јасна порака до извозниците дека тој конечно се забрзува”, велат од Стопанската комора.
Прашањето на либерализацијата и застарената инфраструктура доведуваат до тоа железницата да биде далеку понеповолната транспортна опција за македонското стопанство, иако за некои индустрии, како металургијата, и не постојат други алтернативи освен железнички транспорт.
Во текот на 2018 година реализиран бил товарен транспорт на 1,6 милиони тони стоки. преку железница. Во споредба со 2008 година кога преку железница се превезувале 4,2 милиони тони стока, товарниот транспорт е намален за над 60%.
На почетокот на годинава беа пуштени три нови електролокомотиви, набавени од Кина преку проект поддржан од Европската банка за обнова и развој. Пред овој проект, последните купени локомотиви беа купени пред 45 години.
И додека секаде во светот железницата е поевтин начин на транспорт, проценките кај нас се дека превоз на еден контејнер со железница чини двојно повеќе отколку истиот да се превезе со камион.
Заради сето тоа, транспортот преку железница со години наназад е во постојано опаѓање и над 90% од стоките во земјава се транспортираат преку патен сообраќај.
“Сето ова говори за потребата што побрзо да се спроведе процесот на либерализација во железницата, но и да се продолжат инвестициските активности во железничката инфраструктура”, велат од Комората.