Во првите два месеци од 2025 година од Македонија во САД биле извезени стоки во вредност од 38,3 милиони долари, покажуваат најновите податоци од Државниот завод за статистика. Тоа е за речиси четири пати повеќе или раст од 283% во споредба со извозот кон САД во истиот период лани, кога биле извезени производи вредни 10 милиони долари.
Најголем дел од извозот од земјава кон САД во првите два месеци или 74% бил остварен со автобусите кои во земјава ги произведува холандската компанија VDL Van Hool. Извозот на автобуси во САД во првите два месеци изнесувал 28,6 милиони долари.
Втора најголема ставка од 3 милиони долари е извозот на тутун. Следуваат извозот на електрични машини и опрема во вредност од 1,5 милиони долари и мебел и постелнина во вредност од 974 илјади долари и др.
Од утре, 9 април на сила стапуваат царините од 33% за извоз на македонски производи во САД, што е меѓу повисоките царински стапки кои ги воведе администрацијата на претседателот Долалд Трамп. Со оваа висока царина, извозот од Македонија станува поскап и неконкуретен во однос на сите други земји кои имаат пониски царински стаоки за увоз во САД. Учество на извозот во САД во вкупниот македонски извоз е мало и во првите два месеци изнесувало 3%.
Во истиот период од САД биле увезени производи во вредност од 27 милиони долари, што е намалување од 15,3% во споредба со истиот период лани.
Податоците покажуваат дека Македонија во првите два месеци годинава повеќе извезувала, отколку што увезувала од САД, односно имала трговски суфицит од 11,7 милиони долари.
Во истиот период лани, САД имале вишок или суфицит во трговијата со Македонија од близу 22 милиони долари.