Извозот на Телекомуникациски, компјутерски и информациски (ИКТ) услуги од Македонија во изминатата 2021 година достигна 330,4 милиони евра, што претставува раст од 37% во споредба со 2020 година, покажуваат податоците од Народната банка на Р.С.Македонија.
Најголем дел од извозот е остварен од извоз на компјутерски услуги, чиј извоз лани достигнал 295,2 милиони евра.
Извозот на македонската ИКТ индустрија бележи континуиран раст секоја година, веќе неколку години наназад, кој не беше попречен ниту од пандемијата на Ковид 19.
Податоците на Народната банка покажуваат дека извозот на ИКТ лани е зголемен повеќе од двојно во последните пет години, односно во споредба со извозот од 2017 година кој изнесувал 147,5 милиони евра. Тоа значи дека извозот на ИКТ услуги растел со просечна годишна стапка од 24,5%.
Но, она што е позначајно е оваа индустрија е нето извозник, односно повеќе извезуа, отколку што увезува, заради што има потенцијал да ја зголеми додадената вредност на македонскиот извоз и да го намали трговскиот дефицит во размената со странство.
Увозот на ИКТ услуги во земјава минатата година изнесувал 115,5 милиони евра, при што е остварен нето извозен приход од близу 215 милиони евра.
Податоците на Народната банка покажуваат дека извозот на ИКТ лани учествувал со 19% во вкупниот извоз на услуги на државата.
Според неодамна објавениот извештај од страна на комората МАСИТ, најголеми извозни пазари за македонските ИТ компании се САД, Германија, Србија, Албанија и Бугарија.