Извозот на македонски производи во земјите од Западен Балкан (Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Албанија и Црна Гора) во првите три месеци годинава изнесувал 212 милиони евра, што е за 33% или за 53 милиони евра повеќе во споредба со истиот период.
Увозот од земјите од Западен Балкан во истиот период растел побрзо, односно е поголем за 38,6% или за 71 милион евра, надминувајќи вредност од 256 милиони евра.
По Косово и Србија, Босна и Херцеговина е трет по големина извозен пазар за македонските производи од земјите од Западен Балкан.
Вкупната трговска размена со БиХ во првите три месеци годинава изнесувал 40,7 милиони евра, што е раст за 23% во споредба со истиот период лани.
Извозот на македонски производи во периодот јануари-март изнесувал 22,7 милиони евра, додека увозот речиси 18 милиони евра, што значи дека со БиХ имаме трговски суфицит од 4,8 милиони евра.
Македонскиот извоз во БиХ бележи раст неколку години по ред и минатата 2021 година достигна 95 милиони евра, што е највисока вредност во последните 10 години. Иако растел и увозот во истиот период, трговскиот суфицит со БиХ лани изнесувал близу 26 милиони евра, што е исто така на највисоко ниво во последните 10 години.
Ако се анализира извозот во првите три месеци, најголем е извозот на лекови во вредност од 3,8 милиони евра, по што следи извозот на производи од железо и челик во вредност од 3,3 милиони евра. Следи извозот на железо и челик во вредност од 2 милиони евра, извозот на преработки од месо во вредност од 1,3 милиони евра, извоз на пластични маси вреден 1,1 милион евра, извозот на кондиторски производи вреден 1 милион евра, извоз на вино во вредност од 1 милион евра.
Увозот од БиХ во првите три месеци годинава изнесувал околу 18 милиони евра и за околу 30% поголем во споредба со истиот период лани.
На страната на увозот доминираат електричните машини и опрема вредни 2,4 милиони евра, преработки од месо и риба чиј увоз изнесувал 2,3 милиони евра, дрво и производи од дрво со увоз вреден 2,2 милиони евра. Следат млечни производи чиј увоз изнесувал 2,1 милион евра, хартија и картон со увоз од 1,1 милион евра и кондиторски производ (700 илјади евра).