Индустриското производство во мај со пад од 27%: Кои сектори имале најголем пад, а кои раст на производството?

Индустриското производство во мај бележи пад од 27% во споредба со истиот месец лани, покажуваат најновите податоци од Државниот завод за статистика.

Гледано по сектори, индустриското производство бележи најголем пад во Преработувачката индустрија од дури 32,1%, во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација има пад од 14,6 %, а во секторот Рударство индустриското производство е намалено за 4,3%.

Ако се гледаат секторите во Преработувачката индустрија, која создава 76,5% од вкупното индустриско производство, податоците покажуваат дека во мај само три сектори имале раст на производството, додека останатите 20 сектори имале пад на производството.
Во пет сектори има пад на производството во мај од над 50% во споредба со истиот период лани.

Најголем пад на производството во мај од 58,9% има во секторот за производство на кожа и кожни производи. Потоа следат секторот производство на машини и уреди каде падот е 56,9%, секторот поправка и инсталирање на машини со пад од 55,5%, производството на електрична опреа со пад од 52,8% и производството на мебел каде падот е 51,7%.

Производството на текстил и облека во мај бележат пад од 44,9% и 35,8%. Производството на метали бележи пад од 27,8%, додека производството на фабрикувани метални производи има пад од 48,6%.

Најмал пад во мај имаат производството на прехранбени производи од 12,5%, производството на тутунски производи од 17,7% и производството на пијалоци, каде падот на производството во мај е 20,5%.

Најголем раст на производството во мај од 27,4% има кај производството на фармацевтски производи, производството на компјутерски и електронски производи каде има раст од 13,8% и производството на хемиски производи со раст од 12,4%.

Ако се гледа пак индустриското производство во првите пет месеци, односно за периодот јануари-април падот е 14,4%.