На интерконекторот за природен гас и надградба на нафтоводот, како на два енергетски проекти кои можат да ги приближат Северна Македонија и Грција, меѓу другото, се задржал министерот за животна средина и енергија на Грција, Костис Хаѕидакис за време на тркалезната маса „Регионална енергетска безбедност и соработка“ што вчера се одржа во Солун, јави дописничката на МИА од Атина.
На средбата присуствуваа и државниот секретар на САД, Мајк Помпео и вицепремиерите за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и за борба против корупција, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски и министерот за економија Крешник Бектеши.
Американскиот државен секретар Мајк Помпео изрази поддршка од САД за геополитичката важност на енергетските проекти што се спроведуваат во поширокиот регион, а посебно за изградбата на интерконекторот и надградбата на нафтоводот, чија имплементација ќе ја приближи Грција до Северна Македонија и дополнително ќе ја зајакне политиката на диверзификација на изворите на енергија.
На форумот учествуваше уште и амнасадорката на САД во Скопје, Кејт Мари Брнз. Од американска страна, покрај Мајк Помпео, на состанокот присуствуваше и заменик министерот за надворешни работи задолжен за енергетика,Франсис Фејнон, државен потсекретар за Европа и Евроазија, Филип Рикер и амбасадорот на САД во Грција, Џефри Пјат.
– Министерот за животна средина и енергија особено се осврна на двата енергетски проекти што можат да ги приближат Грција и Северна Македонија: Интерконекторот за природен гас меѓу двете земји и надградбата на постојниот нафтовод што може да ја направи Северна Македонија дистрибутивен центар за висококвалитетни горива на Западен Балкан, соопштија од Министерството за животна средина и енергија на Грција.
Во соопштението се додава дека конкретно за нафтоводот, Хаѕидакис одржал состанок со учество на заменик министерот за надворешни работи на Грција, генералната секретарка за енергија во надлежното Министерство, претседателот и извршниот директор на „Хеленик петролеум“, вицепремиерите и министерот за економија од Северна Македонија, како и помошник -државниот секретар на САД за енергетика и американската амбасадорка Скопје.
– Беше договорено да продолжат разговорите меѓу сите засегнати страни со цел да се најде заеднички именител колку е можно побргу, соопштуваат од грчкото Министерство.
Помпео во интервју на АНА-МПА рече дека регионот е мошне важен за диверзификација на енергијата во Европа и дека американскиот интерес има пошироко геостратешко значење.
– Политиката на претседателот Трамп за цела Европа е да ги зајакне своите капацитети со тоа што регионот ќе има разновиден сет на извори на енергија. И тој да не зависи од Русија и Газпром. Тоа претставува ризик и искрено ги чини луѓето повеќе пари за греење на своите домови без користење на други енергетски можности. Она што се обидовме да го направиме, можете да го видите со нашето спротивставување на „Северен поток 2“, и обратно, тука е нашата инвестиција и поддршка во напорите за интерконекција на областа во сè, што се однесува до овие различни извори на енергија, не само за гасот, туку и за нафтените деривати и нафтата. Утрово имав многу добри состаноци со високи претставници од Грција, од Северна Македонија, секој од нив рече дека американското учество тука е навистина уникатно, навистина исклучително и мислам дека тоа ќе значи поголема диверзификација во извори на енергија, поевтина енергија и нивно спроведување заедно со сигурни партнери, како што се компании од САД, рече Помпео на едно од прашањата.
Извор: Миа