Инфлацијата во еврозоната достигна 10% во септември, што е ново рекордно високо ниво што ги зајакнува притисоците за уште едно големо зголемување на каматните стапки следниот месец од Европската централна банка (ЕЦБ).

Растот на цените во 19-те земји во кои се употребува еврото се забрза од августовските 9,1%, покажуваат најновите податоци на Евростат, надминувајќи ги очекувањата за инфлација од 9,7%. Некои членки на еврозоната забележаа најбрз раст на цените во последните 70 години.

Инфлацијата е поттикната главно од нестабилните цени на енергијата и храната, но продолжи да се шири, при што практично сите категории, од услуги до индустриски стоки, сега покажуваат висок раст на цените.

Цените на енергијата во меѓувреме беа зголемени за 41% во споредба со пред една година. Цените на непреработената храна се зголемени за 13%.

Без цените на храната и горивата, инфлацијата скокна на 6,1% од 5,5%, додека уште потесната мерка, која исто така ги исклучува алкохолот и тутунот, се искачи на 4,8% од 4,3%.

Највисоки стапки на инфлација имаа во Естонија (24,2%), Литванија (22,5%) и Летонија (22,4%), а најниски стапки имаа во Франција (6,2%), Малта (7,3%) и Финска (8,4%).

Показателите за доверба во целиот блок, исто така, опаѓаат во последниве недели, што сугерира дека еврозоната можеби веќе е во рецесија.

ЕЦБ се очекува да ги зголеми стапките за уште 75 процентни поени во октомври.

По првото зголемување во јули, ЕЦБ ја зголеми основната каматна стапка за 0,75 процентни поени на 1,25% во септември. Претседателката на ЕЦБ Кристин Лагард, исто така, сигнализираше дополнителни зголемувања за следните месеци.