Кинескиот извоз кон САД во август 2025 година забележа пад од 33%, додека вкупниот раст на извозот се забави на најниско ниво во последните шест месеци.

Севкупно, извозот на Кина се зголемил за 4,4% во август – под очекувањата на аналитичарите кои прогнозираа раст од 5%, и значително поскромно во споредба со темпото од претходните месеци.
Најновите податоци за август ја дополнуваат сликата за промените во глобалните трговски текови, откако царините од 55% на кинескиот извоз, воведени од претседателот Доналд Трамп, ја намалија директната побарувачка од САД.
Овој умерен раст делумно се должи и на високата споредбена основа од 2023 година, кога кинескиот извоз бележеше најбрз раст во последната година и пол.

Кина го пренасочува извозот кон други пазари

Падот на извозот кон САД, Кина успева да го компензира преку засилен извоз кон други региони. Според податоците од кинеската царина извозот кон земјите од Југоисточна Азија се зголеми за речиси 23%, извозот кон Европската унија пораснал за 10%, извозот кон Африка се зголемил за 26% и извозот кон Латинска Америка порасна за речиси 6%

Во услови на слаб увоз, Кина оствари трговски суфицит од над 785 милијарди долари во првите осум месеци од годината – речиси една третина повеќе во споредба со истиот период од 2024 година.

Кинеските компании ги намалуваат извозните цени

Податоците покажуваат дека цените на кинескиот извоз паѓаат речиси секој месец од средината на 2023 година, што ги принудува компаниите да испорачуваат поголеми количини за да ги задржат приходите.

Иако властите во Пекинг најавија зголемување на домашната потрошувачка, извозот сепак придонесе за речиси една третина од економскиот раст во првата половина од 2025 година, кога БДП се зголеми за 5,3%.

Во услови на зголемени трговски тензии, претседателот Трамп се закани со нови царини од 200% за кинески стоки, доколку Пекинг не ги исполни обврските за извоз на ретки метални магнети.