Македонската компанија Пекабеско се здоби со Одобрение за Овластен економски оператор (ОЕА).
Од Царинската управа, која ги доделува овие одобренија, информираат дека досега 25 компании од земјава имаат добиено статус на Овластен економски оператор.
Ова одобрение е потврда дека компанијата е сигурен и безбеден партнер на Царината и има воспоставено контрола над процесите на своето работење.
„Придобивките за компаниите со статус ОЕО значат примена на царински поедноставувања, побрзи и поевтини прекугранични постапки и приоритет при царинење“, истакна директорката на Царинска управа, Славица Кутиров.
Директорот на Пекабеско, Слободан Кутревски, вели дека стекнувањето статус на ОЕО, како и воведените олеснувања во царински постапки, влијае позитивно на реномето и трговско-економските релации на компанијата, а со тоа се подобрува нивната конкурентност како во државата, така и во поширокиот регион.
Ова е уште едно признание за досегашното успешно работење на Пекабеско, највисоко ниво на доверба, како и доказ дека компанијата е препознаена како кредибилен партнер и сигурен учесник во меѓународниот синџир на снабдување.
Придобивките за компаниите со статус ОЕО значат примена на царински поедноставувања, побрзи и поевтини прекугранични постапки и приоритет при царинење. Цел на Царинската управа е проширување на овие придобивки во земјите во регионот и ЕУ, заради што интензивно се работи на имплементација на протоколите за меѓусебно признавање на компаниите со статус на ОЕО со Србија и со Албанија, преку електронска размена на овие податоци и вградување во националните царински системи.
Годинава на граничниот премин Табановце – Прешево и Ќафасан – Ќафтане се отворени и посебни приоритетни ленти за стоки и ОЕО компании од земјите од Отворен Балкан. Од особено значење е и неодамна воведеното автоматско царинење за еден час со т.н. зелени царински декларации, од чија примена особено имаат корист компаниите кои поседуваат одобрение за Овластен економски оператор, како доверливи економски оператори, препознаени во процесот на анализа на ризик.
Пекабеско АД Скопје е меѓу најголемите македонски компании и најголеми македонски производител и извозник на сувомеснати производи.
Во најновата едиција Топ 100 Извозници е рангирана 62 место со извоз од близу 11 милиони евра.